ИЗВИНИ, ПУТИН

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:169:"Соогледдекасостојбататрае23години,сèмисечинидекавеќеможедасепоставиидијагноза

    1. Минатата неделна вечер, кога Даниел Кајмакоски победи на регионалниот избор на талентирани пејачи “Икс фактор”, за само неколку часа имавме прекрасна слика за душевната состојба на нацијата. Некој би можел да направи одлична антрополошко- психијатриска анализа на колективниот дух на македонизмот. Во само неколку часа, расположението се менуваше од параноја, преку еуфорија и самозадоволство, до лутина и презир. За што? За следење аудиција на која се победува со СМС-пораки од ТВ-гледачите.
    Даниел е суперпејач и заслужено си победи. Ама нашата реакција и очекувањата од неговиот настап немаат врска со него. Имаат врска со нашата потреба да се почувствуваме големи. Додека одеше емисијата, цело време се вртеше кајрон да се гласа за “нашиот Даниел”. Порталите го следеа од минута во минута и јавуваа за “нашиот херој” . Која песна испеал, како изгледал, како напредува кон финалето… По социјалните мрежи растеше паранојата дека победата е наместена. “Србите ќе нè зафркнат. Србите нема да дадат Македонец да победи среде Белград”. Па одеа и утехи. “Сепак, Даниел е морален победник. И да не победи, сите ќе знаат дека е наместено”. И кога на крај Србите не успеаја да го наместат натпреварот и дозволија Македонец да победи среде Белград, се појавија наслови дека Даниел го згазил Балканот. Дека цел регион е под нозете на Македонецот. Па уште и кога го развеа македонското знаме… Е тоа беше експлозија од емоции вредна за огномет. И прошетка под Триумфалната порта.
    И што се случи? Го прашаа Даниел дали кариера што ќе му ја донесе победата ќе ја продолжи во Виена каде што живее од дете, во Скопје или во Белград. Тој одговори дека ќе се пресели во Белград, оти му е на средина помеѓу Скопје и Виена. И тогаш пак експлозија на емоции. Ама во обратна насока. Херојот стана предавник, лигуш, педер, продадена душа… Да ги врати парите од СМС-пораките што му донесоа победа.
    Е тоа сме ние. Подготвени сме прекумерно да се израдуваме и прекумерно да се разочараме. И сето тоа во период од пет минути. Не сум психијатар, ама оваа состојба на духот мора да има име. И со оглед дека состојбата трае 23 години, сè ми се чини дека веќе може да се постави и дијагноза.

    2. Психијатрите велат дека ваква нагла промена на расположение му се случува на незрел човек. Дека кога емоциите го надвладуваат интелектот, се губи смислата за логично мислење. Една искра е доволна сè што претходно си величал да го пеплосаш. Кога ќе се предозираш со емоции, го губиш умот.
    Тоа не е случај само со пеењето и естрадата. Сетете се само колку пати сме биле спремни од спортистите да направиме херои, па после да ги плукаме. А за политиката, пак, ич муабет да не правиме. Си се трошиме во емоции, затоа што, сепак, тоа ни е полесно отколку да се фатиме за работа и да си ја преземеме одговорноста за себе и за своите постапки. И никој да не ни е виновен за ништо. Особено за неуспесите. Па ни Србите. Грците – може.

    3. А Србите се обезбедија со странски инвестиции. Си го донесоа дома најбараниот наркобос на Балканот Дарко Шариќ,чие лично богатство го процениле на 27 милијарди долари. Се зафркаваат дека тоа им е најсилната странска инвестиција. Нашиов Субрата Индијците уште не ни го пуштаат.
    Туку читам дека вработените во неговите фирми сега имале иновативна идеја како да му помогнат. Бидејќи му требаат 1,3 милијарди долари за да го извлечат од затвор со кауција. Па тие ќе собирале по 2.000 долари.
    Пред неколку недели, еден земјоделец од Свети Николе на телевизија кажа дека шест месеци фирмата на Субрата му давала плата. Не знаеше дали ќе му го продолжат договорот. Да не треба и тој да ги враќа парите? Ќе биде тоа скромен придонес од Македонија за кауцијата на Субрата.

    4. Македонија се осмели. Ем го обожава Путин, ем гласаше за Резолуцијата на ОН со која руската анексија на Крим се прогласи за незаконска. Извини, Путин, морално беше.
    Ќе гласаме ами како? Путин си е Путин. Ама и западна Македонија си е Македонија.

    П.С.
    На моите читатели им должам објаснување зошто колумната не е на своето место, на третата страница, десно. Така е во интерес на изборната кампања.
    Првата колумна “Сакам да кажам” излезе на 12 јануари 1991 година, во “Вечер”, кој тогаш беше гласило на Сојузот на социјалистичкиот работен народ на Македонија. Значи, уште пред да дојде демократијата во која сега уживаме. Од 5 јули 2000 година колумната излегува во “Вест”. Секогаш во сабота и секогаш на иста страница. Колумната излегува точно 23 години, два месеца и 17 дена без прекин. И четири книги се објавени.
    Не кријам дека сум горд што речиси четврт животен век сум успевал да предизвикувам интерес на читателите. Некогаш повеќе, некогаш помалку. И не кријам дека сум среќен оти саботните изданија и на “Вечер” додека бев таму и на “Вест” со колумната на третата страница добија заштитен знак.
    Не изброив колку избори сум поминал. И претседателски, и парламентарни и локални, и први кругови и втори кругови и прегласувања. И два референдума сум поминал. Еден за независност на државата и еден за територијалната поделба. И војната во 2001 година сум ја поминал. И атентат врз еден претседател. И авионска несреќа на друг претседател. И шестмина сопственици на весниците во кои сум работел се смениле. Ама за сите овие 23 години, два месеца и 17 дена ниту еден политичар, ниту една политичка партија, ниту една компанија, ниту домашна ниту странска, не побарале да се рекламираат баш на моето место. И на инсистирањето барем во сабота да го ослободат одамна освоениот простор за слободна мисла, тие упорно инсистираат дека баш тој простор им треба за кампања. Си го плаќаат.
    По 23 години, два месеца и 17 дена на никого не му текнало, некому му текна. Баш на третата страница. Наместо јас да кажам што си сакам, еден кандидат сака да каже.
    Почитувани читатели, се надевам дека ќе имате разбирање. Како што искрено се надевам дека откако сè ќе помине, повторно ќе се читаме на старото место.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари