КАПАК НА КАПАКОТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:210:"ОткакоќесепреброимекојбилвоГрцијаикојнебилвоОхрид,од8септемврисоновисилиќетргнемевоновиподелби

    1. Додека камерите со термометри на аеродромот во Скопје трпеливо чекаат да се појави некој со температура и ја штитат Македонија од ебола, нацијата се соочува со листерија. За која сe уште не знаеме дали ја најдоа или не ја најдоа.
    Тотално сум збунет. Не знам дали е подобро да ја бараат листеријата или да не ја бараат. Кому да му верувам. На центрите за јавно здравје? На Агенцијата за храна и ветеринарство? На Институтот за јавно здравје? На Ветеринарниот факултет? На Институтот за микробиологија? Па капак на сe има и Комисија за заразни болести при Министерството за здравство. И капак на капакот, вчера соопштија дека ќе се прави работна група што ќе ги координира сите овие институции. Значи, сега има суперкоординатор што ќе ги координира напорите за координација на координаторите. А допрва министерот Тодоров треба да се врати од одмор.
    Во почетокот, сите овие институции даваа различни податоци. Потоа се караа меѓу себе чии податоци од истрагата се валидни. А луѓе уште се разболуваат. Прво се појави листерија. Па се обвитка со мистерија. И на крај се создаде хистерија.
    Во ист ден толку спротивставени изјави доаѓаа, небаре како да доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Така што, ова со работната група ми изгледа како онаа работна група за 24 декември. Проблем постои, ситуацијата се решава.
    На што личи држава во која не можете да им верувате на институциите што не можат да се договорат околу една бактерија? На бактериолошки неисправна. И како таква мора да се внимава како ќе се консумира. Можеш да јадеш сe, ама на своја одговорност.

    2. Впрочем, каква држава – таква дипломатија. Додека по медиумите се анализира можноста од голем ќар за македонската економија по санкциите на САД и ЕУ за Русија, ние во Москва амбасадор немаме. А и тој што се затекнал таму како вршител на должност амбасадор си заминал. Ништо чудно. Сезона на годишни одмори е.
    Оној, пак, во Катар излегол поснаодлив. Велат дека земал плата за две работни места. Наводно не му ги давал парите на возачот, туку си ги земал за себе. Му велел дека Македонија е во криза, па ќе мора да почека за плата. Возачот изгледа имал големо разбирање за ситуацијата во Македонија, штом може да чека за 50.000 долари.
    Амбасадорот ќе го казнат. По Катар, наместо да оди за амбасадор во Босна и Херцеговина, ќе го вратат во Македонија. Ќе мора да работи во Агенцијата за разузнавање.
    Кој кого вози овде? И тоа за без пари?

    3. На Интернет се појави аматерска снимка на вежба на некоја единица на грчката армија, на која војниците пеат песна за дигање на моралот дека ќе им ја пијат крвта на Турците, скопјаните и Албанците. И порано имало такви песни. Ама тогаш велеа дека ќе ни ја дерат кожата.
    Ние уште не можеме да влеземе во НАТО, затоа што имаме лоши добрососедски односи со Грција. А Турција и Албанија се барабар со нив во НАТО, оти имаат добри добрососедски односи.
    Можеби песната има скриена порака. Забележав чудна неправилност во текстот. Во песната каде што споменуваа пиење крв, по два пати ги споменуваа Турците и Албанците. А скопјаните само еднаш ги споменува. Баш чудно. Дали, едноставно, не им се вклопувавме во ритамот на песната? Или, пак, ова е чекор за подобрување на добрососедските односи каде што омразата е изразена двојно помалку во однос на Турците и Албанците. Зарем е можно два пати помалку да нe мразат?

    4. Малку ни беше што сиве овие години нe поделија по сите основи, па летово измислија уште една причина за патриотско прозивање. Хит на летото е поделбата на тие што одат во Охрид и тие што не одат во Охрид. А тие што не одат во Охрид се делат на тие што одат во Грција и останати што одат во пријателски земји. А тие што одат во пријателски земји се делат на тие што одат на своја сметка и тие што одат на покана на домаќинот.
    Ај да издржи темава уште десетина дена. Ќе заврши летово, па ќе си се прибереме дома. Па од септември, токму на Денот на независноста, ќе ја затвориме дебатата кој бил во Грција и кој не бил во Охрид. Оти овие поделби станаа заморни. Од 8 септември со нови сили во нови поделби.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари