КРУШЕВСКИ МАНИФЕСТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:147:"Ималидругадржававосветотвокојаезабранетканалот"Националнагеографија"?

    1. Добро, сега ќе има ли државен испит или ќе нема државен испит? Прво рекоа дека екстерниот испит ќе важи од следната година. И дека ако студентите не го положат во втора година, ќе изгубат право да студираат на тој факултет. Па им се случија први протести. Па излезе дека не сме го разбрале министерот за образование Абдулаќим Адеми. Затоа премиерот Никола Груевски го поправи министерот. Рече дека екстерниот испит ќе се вика државен. И дека нема да важи за сегашните студенти, туку за оние што ќе се запишат од 2017 година. И студентите ќе полагаат додека не положат. Ама ќе плаќаат после второто паѓање. Па потоа заменик-министерот Спиро Ристовски, на телевизискиот пренос од седницата на Владата, објаснуваше дека прашањата ќе биле многу лесни и ќе биле однапред објавени. И дека на почеток тоа ќе се спроведе како пилот-проект. А студентите за да положат, треба да одговорат точно на 60 проценти од прашањата за тестот.
    Ова ли е реформата? Јасно ли е сега зошто протестираат студентите? И зошто им се придружија професорите?Ако е доволно да знаеш малку повеќе од пола на тоа што си го учел и ако можеш да паѓаш на испит на лесните прашања колку што сакаш сè додека можеш да плаќаш, тогаш јака им е реформата. Ќе турнат на испит пет-шест студенти на однапред објавени многу лесни прашања и ќе добијат квалитетно високо образование. Како да лечиш рак со тревките на баба Рада.

    2. Премиерот Груевски пред некоја вечер рече дека не може да сфати за што се бунат студентите. Особено што оваа реформа нема да ги фати нив.
    Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се веќе деветта година на власт. И убедени се дека сè што прават е исправно. А можат да прават сè што ќе посакаат, затоа што добиле мнозинство на избори. И секој што ќе им каже дека нешто од нивните потези не е во ред се смета за опозиционер, непријател на државата, неосвестен патриот и предавник.
    Вчера, студентите пред Владата скандираа: “Ние сме државата!” Оти во оваа држава треба да им биде убаво на сите, а не само на тие што гласале за победничката партија. И премиерот треба да води сметка за сите, а не само за неговите гласачи. Белки и тие што не се ВМРО-вци имаат право да бидат среќни. Па ако се среќни, можеби, ќе гласаат и за ВМРО. Не треба да се сакаме за да се гласаме. Треба да си го почитуваме мислењето и да си најдеме заеднички интерес. За доброто на нашата заедничка држава. Така барем јас го разбирам патриотизмот.
    Луѓето не се бесни затоа што куририте им цртаат крукчиња, ги пизмат и откриваат кои мрачни сили ги организирале. Луѓето се бесни затоа што власта не сака да ги чуе. Во крајна линија, ако ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ баш се фалат дека прават нешто за доброто на сите, тогаш треба и да го чујат мислењето на сите. Па и да го земат предвид.
    Просто ми е непријатно постојано да потсетувам дека ако не мислиш исто со владејачката партија, не значи дека $ мислиш лошо на својата држава. За добро на државата е да можеш да кажеш сè што сакаш и да не се плашиш. Затоа што нема “наша” и “ваша” Македонија. И затоа што за да живееме заедно, треба да разговараме. Ова што го имаме последниве години не е дијалог. Ова е еден долг и напорен монолог. А кога имаш монолог, прашање на време е кога ќе престанеш сам себеси да се слушаш.
    И што правиме тогаш со Македонија?

    3. На трите студентски протести слушнавме дека се зборува на македонски, на албански, на турски, на влашки, на ромски јазик. Видовме транспаренти на сите јазици. И сите си се разбираа меѓу себе. Прв пат во 23 години се користат сите јазици што се зборуваат во Македонија, без тоа да биде организирано од партија или, пак, тоа да биде пригодно протоколарна државна прослава. Различни јазици кажуваат иста мисла – ние сме Македонија. Ние сме државата.
    Се колнете во Крушевскиот манифест? Се колнете во Рамковниот договор? Слушнете ги. На улица се.
    Тоа е таа Македонија заради која сме решиле да останеме тука. И не сме зеле бугарски пасоши. А и децата сакавме да ни студираат овде.

    4. Министерот Адеми вети јавна расправа. И имаше јавна расправа. На јавна седница на Владата, на Собранискиот канал на МТВ. Расправаа премиерот и заменик-министерот Спиро Ристовски. Вчера, во собраниската Комисија за образование за законот плодно се расправаше цели 15 минути. Комисијата го усвои законот. Расправата ќе продолжи в понеделник, на пленарна седница на Собранието. Очекувам остра полемика и жестока дискусија. Најсериозните забелешки сигурно ќе стасаат од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев и Илија Димовски. Оти тие се покажале како студиозни студенти. Одлично ги запознале аномалиите на високото образование. Оти имаат најдолг стаж како студенти.

    5. Ректорската управа на најголемиот државен универзитет УКИМ побара одложување на законот и посериозна јавна расправа. Државниот Тетовски универзитет го одби државниот испит. Дваесет и три факултети го одбија предлогот на Владата. Се формираше и Професорски пленум со над 100 професори. На отворено писмо против мешањето во автономијата на универзитетот се потпишаа 110 професори.
    Сите професори се изјаснија. Освен еден. Проф. д-р Ѓорге Иванов. И тој ќе се потпише. Ама на законот што Собранието ќе го донесе по очекуваната бурна дебата. Со кој се предвидува затвор за деканите.

    6. Многу е забавно кога премиерот ќе се појави во вести да зборува за работнички права на телевизија во која новинарите јавно се пожалија дека газдата им симнал 30 отсто од декемвриската плата за да исплати К-15. При тоа телевизијата врие од владини реклами.
    Инвентивноста да се задржи легалната форма, а да се зафркне државата на сметка на работниците нема граници. Ова го споменувам за да не се чуди министерот за финансии Зоран Ставрески зошто имаше протести против плаќањето придонеси за хонорарци. За кој што тврди дека е правичен и во интерес на работниците.

    7. Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги им забрани на кабелските оператори да пренесуваат странски програми за да не се дели рекламниот колач, оти таму се рекламирале и македонски фирми.
    Дали врховното цензорско тело ќе го забрани и “Си-Ен-Ен”? Оти таму рекламира најголемиот огласувач во земјава. Владата на РМ.

    8 Едно лесно прашање за екстерно-државен испит до директорот на агенцијата Зоран Трајчевски. Има ли друга држава во светот во која е забранет каналот “Национална географија”?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари