КУРЦ ШЛУС

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:73:"Поламилијардаевранидадоазабезпари

    1. Блазе си им на пратеничките на СДСМ Солза Грчева и Љубица Буралиева. Толку фалење во Собрание за некој што е од опозиција, досега не сме чуле. Прва вест беа по телевизиите, а тие уште не се ни појавиле на седница. Изгледа дека очекувањата на ВМРО-ДПМНЕ од Солза и од Љубица ќе бидат големи.
    Им честитаа на двете одметнати пратенички од СДСМ оти ги ставиле државните интереси пред партиските. Личните интереси не беа споменати. Не е само платата во прашање. Има тука и спектар на дополнителни мотиви за опозиционо дејствување. На пример, службени патувања во странство, додатоци за членување во комисии, други додатоци по разни основи. Непромислено е да се испуштат сите овие алатки за борба против режимот и диктатурата.
    Дури едната пратеничка се појави и на вестите на МТВ. Рече дека ќе дејствувала опозиционерски. Што ја става во подобра позиција од нејзиниот сопартиец Шиповиќ во Советот на Општина Центар. Солза и Љубица, за разлика од него, имаат избор. Можат да гласаат како ќе сакаат.
    А Роза не ја фалеа толку.

    2. Германската канцеларка Ангела Меркел во Дубровник, на средба со осумтемина лидери на земјите од Југоисточна Европа, изјави дека лично се вклучила размислувајќи за сите можни комбинации за името и притоа заклучила дека “не постои ништо повеќе што може да се измисли”.
    Германската канцеларка изјави: “Ние во Германија велиме компромис е кога сите вклучени се еднакво незадоволни. Кај компромис не може да очекувате дека сe ќе се заврши. Но кога сите се еднакво незадоволни, тоа е фер компромис”.
    Дури сега, после многу години, ја сфаќам визионерската изјава на претседателот Ѓорге Иванов дека “разумен компромис е разумен компромис”. Требаше само Меркел да ја преведе на разумен македонски јазик. И сe си доби смисла.
    Досега Американците ни викаа дека компромис е кога и двете страни ќе се чувствуваат како победници. Ама тоа звучи премногу холивудски. Не можеш да се откажеш од нешто, а да бидеш победник. Оваа германскава варијанта ми изгледа многу пореално. Впрочем, и онака ние сме учени постојано нешто да бидеме незадоволни. А и Грците се секогаш незадоволни.
    За разлика од други државници, кои секогаш имаат разбирање за проблемот со Грција и нe охрабруваат да си го решиме, Меркел рече: “Мора на некој начин да се постигне Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ”.
    Преведено на разумен македонски, дај да го решиме тоа, и да одиме понатаму. Оти работата мора да врви. Курц. Шлус.
    Зборот курцшлус се употребува кога се мисли на електричен краток спој. Ама одвоено, германскиот збор курц може да се преведе и да се толкува како нешто кратко, брзо, кусо, концизно … А шлус е затворање, спојување, крај, завршница, доста е, доволно е, заклучок… Додуша, ние курцшлус го употребуваме и кога некому ќе му се спојат жичките во главата. Што на разумен германски се вика Мацедонише цуштенде.

    3. Размислувањето на германската канцеларка околу името на нашата држава се поклопи со некои други настани во нејзиниот живот. Се сликаше со фудбалската репрезентација на Германија, која во Рио стана светски шампион. На Фејсбук под оваа слика одеа коментари “Меркел со тимот на победниците”.
    Два дена подоцна, Меркел во Дубровник се сликаше со осумтемина лидери од Југоисточна Европа. Под таа слика одеа коментари “Меркел со тимот на губитниците”.
    Во тимот на победниците од првата слика се знаеше дека капитен е Филип Лам. На втората слика, дури и нашиот Ѓоле се соочи со силна конкуренција за капитен.

    4. Повторно ни се случи воздухопловна несреќа. За дваесет години независно небо, четири пати ни паѓаат авиони и четири пати ни паѓаат хеликоптери. Гинат луѓе. Во последната хеликоптерска несреќа кај Струмица, Македонија изгуби четири искусни полициски пилоти.
    Знам дека додека се води истрага, не е умесно да се коментира. Ама ако навистина станува збор за антенски столб кој не бил одбележан со светло, тогаш навистина некој треба да го запали светлото. Црвеното светло.

    5. Бизнис вести од Македонија. Поскапе струјата. Поскапе патарината. Поскапе регистрацијата на возила. Владата се задолжи во странство со најниска камата во историјата.
    Петсто милиони евра ни ги дадоа за без пари. И дури на седумгодишен период на отплата. А не ни требаат одма. В година ќе ни требаат. Ама тоа е домаќинско работење.
    Исто како што си правиме сите дома. Ќе заглавиш на кредитна картичка во една банка. Ќе земеш кредитна картичка во друга банка за да го затвориш долгот кај старата. Па може нешто и ќе ти остане.
    Воопшто нема разлика во домаќинлакот. Ние тоа го правиме со наши пари. А и Владата тоа го прави со наши пари.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари