МЕЧ И МАДИЊА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:230:"Вокојадржаваглавниотспоменикнанајглавниотплоштадвоглавниотградговикаатподпсевдоним,наместосовистинскотоиме?

    1 Дента кога германската канцеларка Ангела Меркел се сретна со македонскиот премиер Никола Груевски, на фотосервисот на агенцијата Ројтерс имаше десетина фотографии од неа, облечена во истото костимче. Ама не беа од истиот настан.
    Прво го примила новиот генерален секретар на Арапската лига и со него зборувала за Сирија. Потоа, бидејќи беше Свети Валентин, објавија слики со букет цвеќе, оти примила претставници на Германското здружение на одгледувачи на цвеќе. И попладнето се појавија фотографиите со Груевски.
    Тој ден, на официјалната веб страница на сојузниот германски канцелар беше запишано дека, покрај овие средби, канцеларката Меркел, во меѓувреме, се занимавала со билатерални прашања од европската политика и од регионот.
    За разлика од моите колеги што се занимаваа со скриените пораки на Меркел, јас се занимавав со фотографиите од тој ден. Затоа што во нејзините одговори на прес-конференцијата, скриени пораки немаше. Жената си кажа не само што мисли туку и што би направила таа да е на наше место.
    Прво – Фино што сте го добиле процесот против Грција во Хаг. Тоа е многу значајно и е голем успех за Владата.
    Второ – Немој случајно поради пресудата во Хаг да се осилите и да ве лаже умот да ги прекинете преговорите со Грција. Ем ќе биде тешко вас, а и нам ќе ни биде тешко да ви помогнеме.
    И трето, што не е некое откривање на Америка – Спорот за името треба да се реши.
    Кој рекол дека животот мора да биде фер?

    2 Министерот за финансии на Германија Волфганг Шојбле рече: “Можеме да помогнеме, ама не можеме да фрламе пари во дупка без дно”.
    На тоа многу се налути грчкиот претседател Караолос Папуљас. Извикал: “Кој е Шојбле да ја исмева Грција? Кои се Холанѓаните, кои се Финците?”
    Е кои се де, кои се? Тие што ви дадоа 320 милијарди евра за да им ги потрошите. И половината ви ги отпишаа. И треба да им се лутат.
    А зошто Грците да не си го вратат достоинството? Ќе си ги вратат парите, и веднаш ќе бидат подостоинствени.
    Со последната криза, уште еднаш ми стана јасно зошто постои изреката “Должен како Грција”. По изјавата на Папуљас ми стана јасно и значењето на изреката “Се буни како Грк во апс”.

    3 Грчкиот министер за одбрана Димитрис Аврамопулос му подарил на генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен реплика од мечот на Александар Велики.
    Пред Самитот на НАТО во Чикаго, би можеле и ние нешто да му подариме на Расмусен. Можеме и ние меч да му дадеме. Оној што го држи божицата на правдата Јустиција во едната рака.
    Додуша, таа е римска божица. Ако сакаме да бидеме во тренд со грчкиот подарок, би можеле и ние на Расмусен да му дадеме нешто од времето на Александар. На пример, реплика од мадињата на Букефал.
    Малку е кабасто за транспорт, ама ќе дојдат легалистите од Брисел и ќе му помогнат.
    Додуша, ќе има мал проблем со името на подарокот. Оти тоа не се мадиња на Букефал туку мадиња на коњот на воинот.
    Во која држава главниот споменик на најглавниот плоштад во главниот град го викаат под псевдоним, наместо со вистинското име?
    Во држава која под псевдоним ја примиле во Обединети нации.

    4 Во истата таа држава толкава е довербата во судството и во институциите на системот, што луѓето очајно мислат дека помош и правда можат да добијат само ако се јават на телевизија.
    Барањето правда почнува секое утро на утринските програми во живо. Наместо правда да бараат на суд или во институциите платени со нивни пари за да ги решаваат граѓанските проблеми, луѓето се јавуваат за 45 денари минута плус ДДВ на водители на ТВ-емисии. Толку чини повик за странство. На роднини нема да им се јавиш за да ги чуеш како се, ама за мака да споделиш и правда да побараш, за пари не прашуваш.
    Е па сега мери им го очајот на луѓето во земјата на Воинот на коњ.

    5 Кога веќе дотука е дојдена работата, полесно е да се откажеме од мечот на правдата и да му го подариме на Расмусен. Така ќе си ги спасиме мадињата.

    6 Пратеникот од иселениците од Канада Павле Саздов, при расправата за интерпелација на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска рече дека наместо да зборува, “последната минута од дискусијата ќе ја искористи за едноминутно молчење поради смртта на политичката кариера на Тито Петковски”.
    Павле, врати се во Канада и таму прави се духовит, и пробај со едноминутно молчење да прогласиш нечија смрт. Кај го храниме и му даваме плата на човек што само со 560 гласа стана пратеник, тој уште наместо одговорна политика, ни промовира некултура. Тие таму во Канада имаат ли домашно воспитување? Чуле ли дека основна култура е да викаш “Добар ден” и да почитуваш постари луѓе. Па макар и не мислеле како тебе. Па макар се викале и Тито.

    7 Координативното тело на Центарот за управување со кризи минатиот викенд им препорача на граѓаните да не се упатуваат без потреба во зимските туристички центри.
    Што потреба имаат луѓето во зима, на толку снег да одат на скијање?
    Објаснија дека таа препорака ја дале за да не се случи туристите да останат завеани, како што останаа на скијачкиот центар Кожуф.
    Што ти е зима. Лани на Кожуф не можеше да се стигне оти немаше пат. Оваа година не може да се стигне оти има пат. Ама на патот има и снег.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира