МИ ТЕКНА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:137:"Ајонинекасииграатполитичари,дајниедасигиспремамедецатазаселење

    1. Син ми само што наполни десет години. Неделава, чувствувајќи ја возбудата што со пријатели и колеги ја споделував околу законот со којшто ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сакаа да го забранат не само објавувањето, туку и поседувањето материјали од бомбите, му текна дека пред неколку месеци и јас дома донесов некаква папка и дека сме помуабетиле оти во неа имало и мои прислушувани разговори. Додека ние се мајтапевме со идејата дека некој се занесува оти може да забрани нешто што веќе станало јавно, и тоа не само дома, туку и во странство, заканувајќи се со затвор, тој почна да плаче. Викаше: “Фрли ги папките!”, на што три години постарата сестра, која демек е малку граѓански поосвестена почна да му се смее и да го зафркава. На што тој и се развика: “Што ти е ма тебе, сакаш они да одат во затвор, а нас да не однесат во дом?”. На што таа му пререче: “Ај не лупај глупости”. А јас морав да го смирувам дека “тоа не е баш така” и дека “власта не може баш сите да ги стави во затвор, па уште и да ги држи таму четири до десет години и плус да ги храни”.
    Сироти деца, вечерта уште и дебата на ТВ “Телма” мораа да гледаат, па се трудеа да сфатат што сака да каже Талат Џафери, на што ќерка ми, граѓанско поосвестената, пресече: “Ова се глупости”. А јас додека се дерев да замолчат за да слушнам што има Талат паметно да каже одеднаш бев затекнат со уште едно логично прашање: “Па добро тогаш, кој го смисли законот?”. И што да му одговорам на едно збунето десетгодишно дете во оваа чудесна земја во која и децата гледаат политички емисии? Ај што ги гледаат, туку и се обидуваат да ги разберат. Стварно, на кого му текна ваков закон? Како на кого му текна? Па на Миле му текна.

    2. Јас сум еден од прислушуваните. Некој ми вадел транскрипти од муабетите на мобилниот и ми ги ставил на хартија и СМС-пораките. Ни сечени, ни лепени, ни монтирани. Баш како што ми беа муабетите, дури и сосе грешките во пишувањето на СМС-пораките. Извинете, ама поради тоа не се чувствувам баш пријатно. Е убаво им текнало. Тие сега бараат од мене, кој сум жртва на незаконско прислушување, да заборавам дека тоа ми се случило. И ми се закануваат дека ако не заборавам, ќе одам во затвор. А син ми што има само десет години сфаќа дека тоа е несфатливо.
    Башка што со месеци се отепуваме дискутирајќи за бомбите и прислушувањето. А што е најтрагично, не ни знаеме дали прислушувањето е сопрено.

    3. Еве го редоследот на настаните што се одвиваа помеѓу два и три часот попладне во средата. Прво стигна изјава од Брисел дека Европската комисија е информирана оти законот е повлечен. Веднаш потоа, предлагачот Талат Џафери изјави дека нема да го повлече законот. По таа изјава, американската амбасада издаде соопштение со кое повлекувањето на законот како да е одамна завршена работа, па спомнуваа некој можен закон правен според меѓународни обврски и споменуваа човекови права и слобода на информирање… По нив се јави и вториот предлагач, пратеникот Крсте Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека до вечер ќе се сретнел со Талат Џафери да се договореле што да прават со предлогот на законот.
    Значи Крсто знаел повеќе од Талат. Некој му шепнал, ама не доразбрал. Во секој случај побрзо му текнало дека неговиот закон е повлечен. Значи Крсте бил поблиску до Миле. До вечерта и Талат сфати дека на Миле му текнало да се повлече законот.

    4. Сега Талат Џафери се заканува, а пратеникот Илија Димовски го поддржува дека ако не се донесе ваков закон до 20 октомври, тогаш ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ немало да ги гласаат министрите на СДСМ. И повторно ќе го предложат истиот закон.
    А како ќе го спроведат. Софтверски? Со деинсталација на умовите на тие што ги слушнале муабетите. А со жртвите што ќе прават? Во МВР ќе се отвори нов оддел за психолошка неутрализација за елиминација на бомбите од колективната меморија. Министерот за здравство Никола Тодоров ќе стави на позитивна листа лекови за колективна амнезија. А кај тие што ни овие мерки нема да дадат резултати, ќе се оди на поединечна лоботомија.
    Кога ќе тргнат да апсат нема да можат со комбиња да нè собираат. Ќе ги активираат камионите на “Македонски шуми”. Или возовите на мигрантите од Гевгелија. И онака се навежбаа да ги пакуваат. Па – право на стадион.
    Знаете, малку ми е преку глава од овие уцени. Ќе си играат тие на кој Миле појака финта ќе му текне. Па ние уште и ќе им аплаудираме на паметта. Ај они нека си играат политичари, дај ние да си ги спремаме децата за селење. Тие ако сакаат нека си задржат едно милион Сиријци да ги лажат следните 25 години. Нас доста нè лажеа. А ние ќе си бидеме Сиријци низ светот. И ич не мора ни да се трудат да ни обезбедат како да гласаме како дијаспора.

    5. Слушам дека европскиот преговарач Питер Ванхауте ги држи партиските тимови до сабајле. Велат дека ни евроамбасадорот Аиво Орав и американскиот амбасадор Џес Бејли не спиеле до пет сабајле.
    Па нема да спијат. Што си мислат тие? Тешко е да се води држава.

    6. Не ми е јасно зошто овие од СДСМ не лицитираа за пензиите. Кога власта рече дека на секој пензионер ќе му даде по 621 денар зголемување, зошто СДСМ не побара пензиите да се зголемат за 1.200 денари? И зошто зголемувањето на масата за пензии да биде само 5 отсто? Зошто да не биде 10 отсто? Баш да видам што на тоа ќе одговореше Ставрески? Дека нема пари? Или дека нема логика?
    А нивното делење заеднички пари има логика. Што е ова? Пензионерски Робин Худ. Или царот ве чести. Пензиите ја изгубија смислата како концепт на штедење за старост. Како битка за поголема плата додека можеш да работиш за да имаш подобар живот на стари години. Како основа на капитализмот што ја движи економијата. Што нема логика? И онака Фондот за пензиско нема пари. И онака две години гласачката машинерија во Собрание ги суспендираше законите за усогласување на пензиите со трошоците за живот. И онака ВМРО-ДПМНЕ ги сведе пензиите на социјална категорија, а не на заслужена заработка собирана целиот работен век. Не се делат покачувањата како што предвидел законот два пати годишно, туку како што на Миле му текна за да победи на избори.
    Штом е за гласање работава, тогаш зошто и вработените во јавната администрација не добиваат зголемување на платите по истиот терк? Нека го собере Ставрески на купче тоа што го ветил Груевски како процент, па нека им подели на сите еднакво. И на Груевски плус 600 денари и на наставниците плус 600 денари. И на Ставревски плус 600 денари и на чистачките во школите плус 600 денари. Дупло повеќе ќе ги сакаат и ќе гласаат за нив. И тој што е приправник и тој што има 40 години стаж нека добие исто покачување. Не може? Е како не може? Ако може тој што отишол во пензија со 45 години стаж и тој што отишол со 15 години стаж да добијат исто покачување, тогаш можат и лекарот и сестрата да се почестат од милоста на власта.
    Оти ова не е пазарна економија. А не е ни договорна економија. Ова е изборна економија. Штом е така тогаш од СДСМ се глупави што не лицитираат во Собрание. Па кога ќе им каже Ставрески дека нема толку пари, белки тогаш ќе почне и вистинската расправа за тоа колку всушност ние пари имаме. Па кога ќе се соочиме со тој факт, може ќе почнеме и да расправаме како ќе ги трошиме. Или како ќе ги враќаме.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари