НОРМАЛНА СОСТОЈБА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:48:"Ситеспијат,аниесмесами

    1. Од пред неколку дена сум унапреден. Сега сум и “носител на папка”. Од оние папките што ги подели СДСМ на дваесетина новинари што биле прислушувани. Не знам за другите колеги, ама јас не се чувствувам баш пријатно. Туку, тоа и не е некоја вест. Оти не знам дали некој воопшто се чувствува пријатно деновиве.
    Би лажел ако кажам дека не ме интересира кој ме прислушувал. Ама еве дури и да се преправаме дека сè е нормално и да речеме дека не е важно дали ме прислушувале нашите или странците, самиот факт дека некој ги има моите разговори, лични прилики, семејни односи, приватни контакти и службени новинарски извори е тоа што ме прави да се чувствувам незаштитен. Во сопствената држава.
    Сега и официјално нашите животи се во рацете на партиите. Што би ги спречило утре сите овие делови од нашите животи да се најдат на тезга на пазар изрежани на цеде или поставени на Јутјуб од анонимен корисник.
    Некој Сноуден и Јутјуб се најголемите непријатели на Македонија. Сноуден снима, а Јутјуб пушта на Интернет. Па и дактилографката што ги симнувала транскриптите може да те уценува.
    А кој е комуњарот во трите весници на компанијата во којашто работам, а што се споменува во еден од објавените прислушувани разговори, сигурно ќе се открие во текот на независната, непристрасната и транспарентна судска постапка. Што секако ќе ја води некој судија од нашите.

    2. Ние мислиме животот се само снимките што ги објавува Заев, ама не е така. Надвор од бомбите се случуваат сосема нормални работи. Како што е на пример случајот да умре човек од Ростуше затоа што немало амбулантно возило. Некои викаат дека немало бензин, други викаат дека возилото било зафатено оти со него се носеле канти сирење. А причината за смртта не е ни во едното, ни во другото. Човекот е виновен затоа што се разболел. Исто како што деветгодишната Тамара во поодмината фаза на нетретирана сколиоза се разболела од пневмонија.
    Ете и на министерот за здравство Никола Тодоров му е криво што сите негови успеси се засенети од еден несреќен случај. И немаше ни срам, ни проблем со совеста да се појави на интервју на јавниот сервис МТВ истиот ден кога пред неговото Министерство имаше голем протест поради смртта на детето. Состојбата е нормална. Кариерата на министерот тече понатаму.

    3. Доказ дека состојбата е нормална е и тоа што Владата веднаш по оставките на двајцата директори на Фондот за здравство постави в.д. директори. И утредента еден од нив, в.д. директорката беше сменета. Џабе честела за функцијата. Да и ги вратат парите од оној фондот за општествена одговорност. На време виделе дека немала доволно долг работен стаж за директорка.
    Е како така? Кога ја поставуваа не знаеле колку години работи? Или си рекле: “Дај ново дете!” Кое? “Како кое? Па од нашите!”

    4. За арно ли е или за лошо ќе е, ама единствено што оваа недела отстапи од нормалата е тоа што премиерот по цели осум години прв пат се појави на прес-конференција на која одлучи да одговара на разни прашања. Додуша, во првиот дел остана доследен на себе, па сам си постави и сам си одговори неколку прашања. Како кога ќе купиш нешто, па во упатството за употреба пишува: “Најчесто поставувани прашања”, а под нив се дадени и одговорите. Да не се трауматизираат новинарите па да смислуваат прашања. Оти премиерот обично знае и што сакаат да прашаат.
    Нејсе. Премиерот дозволи прашања и надвор од упатството за употреба. Не дека нешто одговори. Ама барем ги прими прашањата. И ние сите за тоа треба да се радуваме. Да се надеваме дека можеби Груевски по девет години власт сфатил дека не треба да зборува само со тие што се спремни по инструкции да му стискаат лајкови на Фејсбук. Да се надеваме дека повторно сфатил дека не смее да ги игнорира и тие што не се внимателно одбрани и не постапуваат по инструкции, како што знаеше да се однесува во 2006 година кога дојде на власт. Оти Македонија е и нивна држава. А Груевски е и нивен премиер.

    5. Единствено што ми влева надеж дека животот може да биде навистина нормален е успехот на Студентскиот пленум. Барем едната извојувана битка против партизираниот систем. И многу ми е жал дека не ги викнаа професорите Тања Каракамишева и Виктор Камиловски од здружението што го бранеше законот што го потпиша државникот Ѓорге Иванов. Барем да се сликаат. Требаше да ги испочитуваат, барем онолку колку што го испочитуваа заменик-министерот за образование Спире Ристевски. Тој барем се сликаше. Вака искористени, како се чувствуваат?
    Сакам да верувам дека овие студенти ја претставуваат Македонија што допрва доаѓа. Македонија за која што професорот Ѓорѓе Марјановиќ на почетокот на крајот на едноумието ја нарече “пристојно место за живеење”. Поминаа 24 години, а ние уште не сме таму.
    Ама упристојувањето не доаѓа случајно. Треба да се одработи. Да се има идеја, да се има став, да се има свое мислење и да се има храброст тоа да се одбрани. Да се бориш да бидеш слушнат, ама и да научиш да слушаш. При тоа да не ги игнорираш со ароганција другите мислења, колку и да не се согласуваш со нив. Да не си насилен и да не те води одмаздата. Оти животот е еден.

    6. Си имале мака колегиве од Сител. Од 12 прилози во вести, седум им биле пропаганда. Само шеесет отсто биле нарачки. Другото се вести од јавен интерес. И на сета мака да ти се јави министерката за култура Бети Канчевска да бара “мој термин” во седум за некој настан од Естонија. Оти таму било многу убаво. А термини во седум се зафатени за анкети и аналитичари на анкетите.
    Од снимката чувме дека министерката се жалеше дека нема кој да ја види нејзината вест оти во 11 сите спијат. Е така лесно се добивало термин. На Бети не и е место меѓу аналитичарите во седум. Башка може и вонредни нарачки ќе стасаат.
    Се знае како е во кафеана. Ако музиката не ти ја исполни нарачката, ти ги враќа парите. А за Бети специјална нарачка за после 11. Сите спијат, а ние сме сами.

    7. Да не го вознемируваме претседателот Иванов. Тој може не гледа вести ни во седум, ни во единаесет, само за да остане конзистентен во својата определба. Да не се меша во својата работа.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари