ОБИЧНИ СЛОБОДИ

Дури ни ѓубре не оставија каде што помина маршот, а ни тревата не беше изгазена. Тоа малку ли им зборува со кого си имаат работа?

    ОБИЧНИ СЛОБОДИ

    1 Нели годинава во април еднаш се пребројувавме кој за кого е? Од кај излегоа сега овие деца на улица? Кои се, чии се?
    Власта вика дека се од СДСМ. Ама многу деца, бе. Од кај му на СДСМ толку деца?
    Во ВМРО-ДПМНЕ би биле среќни студентскиот марш во средата да беше организиран од СДСМ. А во СДСМ би биле уште посреќни. Оти и двете партии си се знаат и се сакаат. Си го разбираат јазикот со кој комуницираат меѓу себе. Така што, ВМРО го сака СДСМ како противник. А впрочем и кој не би го сакал СДСМ за противник. Од друга страна, СДСМ е патолошки врзан за ВМРО-ДПМНЕ. Така што, од студентските протести не е збунета само власта. Туку и опозицијата. Дури верувам и дека СДСМ се чувствува уште понелагодно од ВМРО-вците покрај овие студенти.
    Чуден некој протест се случи во средата. Се појавија некои деца што зборуваат поинаков јазик. Си го кажаа своето мислење, ама без гнев, без плукање, без навреди, без закани и без самосожалување. Со многу хумор. И насмеани, како да одат на журка. Илјадници луѓе поминаа по улиците без ниту еден инцидент. Дури ни ѓубре не оставија каде што помина маршот. А ни тревата не беше изгазена. Тоа малку ли им зборува и на власта и на опозицијата со кого си имаат работа?

    2 Сите по нешто кажаа за студентите. Те биле многу, те биле малку, те протестот бил успешен, те бил неуспешен…
    А што е тоа успешен протест? И што мислат тие што викаат дека протестот бил неуспешен? Што за нив, на пример, би претставувал успешен протест?Да има демолирани згради, превртени коли, повредени студенти и полицајци, запалени контејнери, напад на Владата и на Собранието? Или да снема црвени фломастери во книжарниците?
    Бидејќи ништо од тоа не се случи, протестот е неуспешен. Така што можат да спијат мирно.

    3 Оној првиот протест со маршот од 17 ноември беше против државниот испит. А овој вториот од средата беше протест за право да мислиш поинаку.
    Е дотука стасавме со демократијата. После 23 години демократска држава, дојдовме до дереџе да се протестира со барање за обични слободи. Да можеш да мислиш различно и да можеш тоа да го кажеш. Без опасност да бидеш одбележан со црвено крукче. Ако не се согласуваш со владејачката партија, да не мора нужно да бидеш со опозиционата партија. Ако си гласал за владејачката партија да смееш некогаш и да не се согласуваш со власта. И кога тоа ќе го кажеш, ништо да не ти биде.
    Ова беше баш таков протест. Да можеш да си јадеш чварки, ама не мора да бидат пропржени во маслиново масло за да бидат здрави како од рекламите на власта. И кога жените одат на партиска конференција на женската организација да не мора баш сите да бидат облечени во црно-бела комбинација. Оти и со облека во друга боја, исто така ќе бидат почитувани. И да не чекаат лидерот да им каже што е вистинска жена и на работа и дома.
    Обична слобода е дека не мора да имаш трето дете за да те прифатат како патриот. Не мора да имаш ниту едно дете за да бидеш продуктивен граѓанин за државата. Слобода е да можеш да си верник, ама да не мора на власта да $ се докажуваш со донација за градење црква.
    И како таков, со различно мислење, да имаш право да кажеш “И јас сум Македонија”.

    4 Министерот за образование Абдилаќим Адеми пак не ги прими студентите. Рече дека ќе го викне Студентскиот пленум кога Владата ќе има конкретен предлог.
    Во меѓувреме, на факултетите професорите веќе расправаат за некое писмо од министерот поврзано со предлогот за државен испит. Ако министерот Адеми на студентите им вели дека ќе ги викне кога ќе има некаков предлог, за што ли расправаат сега на факултетите? За никаков предлог?

    5 Пак нема да има препорака за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. Божем тоа е многу битно. Важно е дека сега кога ќе се смени грбот, значително ќе се подобри квалитетот на животот. А и добрососедските односи.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари