ПРИМОРСКА УБАВИНА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:78:""Докпалмењишуграненесмеништадаомане"

    1. Од почетокот на годинава на патиштата низ Македонија имало 1.716 тешки сообраќајки. А во нив за само шест месеци загинале 71 лице.
    Во последните неколку години, според податоците на Самостојниот синдикат за здравство од Македонија се отселиле 450 лекари.
    Јавното претпријатие “Македонски шуми” распиша тендер за набавка на 1.100 палми вреден речиси половина милион евра.
    Што има заедничко во трите вести од почетоков на текстов што беа објавени изминатава недела? Ништо, освен што се случиле во иста држава.
    “Македонски шуми” кое со години работи со загуба и во кое на лотарија примија на работа преку 1.000 социјалци, одеднаш има вишок половина милион евра за да купи палми. Според директорот Жарко Караџоски, палмите ќе се садат во Дојран, Преспа, Гевгелија, Охрид и Струга со цел да ги разубават туристичките места, а на туристите да им овозможат приморска глетка. Ако остане некоја садница ќе се придодадат палми за да се разубавува и Скопје.
    Главниот град се дави во фекалии секогаш кога ќе заврне малку посилен дожд, ама ако има среќа да остане фазла некоја палма од јужниот дел на Македонија и тој ќе се разубави за да може на туристите да им се овозможи приморска глетка. Глупаво е само од езерата да се прави море, кога галии има и на Вардар.
    Оваа приказна – за да им биде убаво на туристите е исто како кога небањата девојка ќе се нашминка и ќе стави дезодоранс. Или како смрдлива уста кога се освежува со спреј со ментол.
    Од сите приоритети за државното претпријатие што е тежок загубар, најважно е разубавувањето. И со убавината се претера.

    2. В понеделник ќе го славиме Денот на независноста. Фасциниран сум како 23 години откако од југословенска станавме бивша југословенска република провладините портали се опседнати со вести од црните хроники од Србија и Хрватска. Дури и имињата на жртвите и на злосторниците им ги знаеме. А најголемо освежување се егзибиционизмите на српските старлети. Една приватна телевизија еуфорично рекламира некакво турбо Гранд шоу од Србија. А друга, за да не заостане во гледаноста најавува спектакуларно Браво шоу. Важно да се најпознати шоуа во регионот. И штом се најпознати, мора да се од Србија.
    Во предвечерието на Илинден, во Охрид пееше Цеца. Во предвечерието на 8 Септември во Прилеп е најавен Аца Лукас. Денот кога се отцепивме од Србија, ќе го прославиме со српска песна. Аца Лукас од Белград ќе пее кај Аце мажето од Прилеп. Оти Тито не ни чинел. Ама Тадиќ ни се извини.
    Док палме њишу гране, не сме ништа да омане.

    3. На премиерот Никола Груевски му беше многу важно да го добие спорот што го поведе против лидерот на СДСМ Зоран Заев и со тоа да докаже дека е чист во случај што беше пласиран од опозицијата за време на изборната кампања оваа пролет. Конечно, премиерот е обичен човек и има право да тужи, а и Заев е обичен човек, па треба да внимава што зборува.
    Но, сепак, Груевски е и политичар. А и Заев е исто така политичар. Така што тоа што премиерот тужел за клевета, навреда и нанесена душевна болка е негова политичка одлука како долгогодишен премиер на демократска држава и лидер на демократска партија. Како политичар кој пред неколку месеци убедливо го згази политичкиот противник, тој направил политичка проценка дека може да си допушти да го тужи лидерот на опозицијата. Исто како што лидерот на опозицијата проценил дека треба јавно да ги изнесе обвинувањата кон политичкиот противник и тоа меѓу два изборни круга среде кампања.
    До тука приказната е обична политичка кавга. Такви има насекаде во светот. И не е проблем што премиерот тужи. И не е проблем што лидерот на опозицијата го изгубил спорот. Впрочем затоа и постојат судовите. Ама проблемот настанува кога политичката кавга ќе се пренесе баш во македонскиот правен систем. Ако ништо друго судот можеше да внесе барем малку неизвесност за исходот на судењето. А не самиот да си се откаже од интегритетот и од правата и должностите што му се дадени како трета власт.
    Е тоа ме плаши. Оти такво судство праќа страшна порака. А таа е, ако те тужи висок функционер на власт, локален моќник, богат бизнисмен… остави ја надежта за правда пред влезот на судот. По 23 години демократија и независно судство, по 70 години држава и сто години откако си заминаа Турците, не знам зошто сè уште го имам чувството: “Кадија те тужи, кадија те суди”.

    4. Што ми е жал што не сум веќе дете. Оти сега децата во Македонија биле најсреќни на светот. Имало такво истражување на британска невладина организација која анкетирала деца во 39 држави во светот. Анкетарите ги прашувале децата за семејниот живот, пари, здравје, излегување, училиште… Најсреќни се децата од Македонија, Холандија и Ерменија. А најнесреќни се децата од Канада, САД и Турција.
    Јас мислам дека кај нас децата се најсреќни оти имаат голема важност во општеството. Деца ја водат државата. Каде во светот има деца што се министри, амбасадори, директори… Ај што се деца, туку не стареат. Не за џабе и по 23 години независност уште не викаат млада демократија.
    На второ место сме ги потиснале децата од Холандија. Тие можеби би биле први, ама кога дошле Холанѓанчињата на одмор во Охрид виделе дека не заслужиле да бидат најсреќни. Така што овој висок пласман може да му се запише како поен на градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.
    Според едно друго истражување пак од Светска банка, објавено пред неколку месеци, околу 200.000 Македонци си заминале од државата. Не ја дочекале британската анализа. Си ги однеле децата некаде каде што нема да бидат толку среќни. Како на пример во Канада и САД.

    5. Што стана со листеријата?
    Жолтица.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари