СЕЧЕНИ ГЛАВИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:113:"Сегасмекомплетни.Ќеимамешколазаслепиитркалозаслепци

    1.   Европскиот олеснувач на преговорите Питер Ванхауте продолжува со часовите по граѓанско образование во Македонија. Откако прво на политичката елита во државата и` објаснуваше дека “зборот е збор” и со испечатени листови држеше настава за отчетност и одговорност, оваа недела, на едноставен начин даваше дефиниција на зборот “компромис”. Па рече: “Вие давате нешто, и за возврат добивате друго за одредено прашање. Не може сè да добиете”. Откако се обиде и тоа да го објасни, држеше настава што е почитување закон. Па рече: “Многу е тажно што некои луѓе мислат дека можат да ја изиграат сопствената легислатива”. Па откако одржа лекција за политичките лидери, им се наврати на граѓаните. И порача: “Треба да има притисок од сите, особено од граѓаните на Македонија. Не смее да се прифати кога луѓето не ги почитуваат сопствените закони”.
    Дал да плачам ил да пеам? Изгледа Ванхауте, конечно, го сфати животот во Македонија. Тука е нормално да не се почитуваат законите. И да не се протестира за тоа. На 5 мај апсеа деца во библиотека, на 17 мај излегоа илјадници на антивладин протест, и после тоа почнаа евтините аранжмани и отидоа на плажа. Па сега ајвар треба да се прави, па еден продолжен викенд, па втор продолжен викенд… Знае ли Ванхауте колку е тешко да се буниш кога има толку пиперки за лупење.

    2.   Премиерот Никола Груевски завчера доцнеше цел час на отворањето на школо за деца со оштетен вид. Школото е изградено со 363.000 долари подарок од американската војска. На отварањето беше американскиот амбасадор Џес Бејли.
    Многумина разбраа дека премиерот го понижил амбасадорот со тоа што доцнел на настанот. Тоа што го понижил Бејли, ако воопшто американскиот амбасадор се почувствувал понижено, не е толку битно. Конечно, едниот е премиер, а другиот е амбасадор. Можеби премиерот сакал со тој гест нешто да му порача. Може сакал да ги понижи и новинарите што го чекале. Може сакал да го понижи и министерот за образование Абдилаќим Адеми, кој мораше да се извинува од негово име. Можеби не успеал да стигне навреме оти баш тој ден во Драчево ветуваше поредовна 42-ка. А можеби и ние бараме којзнае каква симболика во неговото доцнење. Можеби, едноставно, Груевски треба да оди на часови кај Ванхауте.
    Груевски можеби стварно $ е лут на Америка. Ама зошто им се налути на децата? Тие го чекаа внатре во училницата. И тоа деца со оштетен вид. Деца со специјални потреби, кои којзнае колку биле возбудени од вниманието што го добиваат. Деца дојдени во новото училиште, со придружба на родители, браќа, сестри, баби, дедовци, на комшии… Деца што не можат да му го видат ликот на премиерот. А ни црвената лента што ја сечеше.
    Не го понижил премиерот американскиот амбасадор. Јас се почувствував понижено. Зошто? Затоа што трошиме 18 милиони евра за панорамско тркало, а американска војска ни гради училиште за нашите деца со оштетен вид. Затоа што трошиме 5 милиони евра за споменик на Мајка Тереза која цел живот $ го посветила на грижата за сиромашните, а досега не сме им обезбедиле на нашите деца со посебни потреби едно пристојно училиште. Затоа што американската војска се сетила да ја обнови бараката, направена уште од маршалот Тито. И американскиот претставник дојде навреме. А нашиот задоцни.
    Е сега сме комплетни. Ќе имаме школа за слепи и тркало за слепци.

    3.  Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски се разбуди навреден. Шуќур. Му го чувме и гласот. Требаше специјален обвинител да се избере за да му ја заврши неговата работа, па да разбереме дека сè уште имаме државен обвинител. И дека и тој имал нешто да каже. Па дознавме и дека имало многу незадоволство кај обвинителите. Биле слабо екипирани, недоволно платени, небезбедни…Можеби затоа Зврлевски уште на почетокот забрани да се објавуваат бомбите.
    Па Ставрески сега го правеше буџетот. Зошто Зврлевски од Владата не побарал повеќе пари за неговите обвинители. Или и тоа барање го чувал во фиока оти немал докази.

    4.   На крај на деведесеттите години од минатиот век се вџашувавме дека на влезовите на избирачките места имаше залепено лепенки со слики од пречкртан пиштол. Демек, забрането влегување со оружје на гласачко место. И тоа ни се чинеше понижувачко и страшно. Се згрозувавме од фактот на кое дереџе ни била демократијата. Како што Македонија стануваше сè подемократска држава така и се усовршуваа и демократските методи за гласање. Па имавме невидливо мастило, па видливо мастило, па ламби, па спрејови, униформирана полиција, неуниформирана полиција… А луѓето во светот гласаат од дома.
    И, конечно, демократијата го допре врвот. Избирачките списоци ќе бидат со слики на гласачите. Да можат да нè споредуваат според сликите од личните карти. Да не можат да гласаат тие со фалсификувани лични карти.
    Се прошири една анегдота за текот на преговорите во Клубот на пратеници. Кога се расправало за активна регистрација на гласачите со отпечаток од прст како можност за прочистување на избирачкиот список, еден од учесниците, мртов ладен, забележал: “Е што сега, во Швајцарија прсти ли ќе сечеме?”
    Е па сега со сликиве од личниве карти, глави ли ќе сечеме?

    5.   Градинката во Министерството за финансии ќе се вика “Мини фини буџетчиња”. Затоа што некој вработен така предложил, а другите прифатиле.
    Одлична идеја е што Министерството за финансии отвори градинка за децата на вработените. Треба да ја следат и другите министерства. Да не се мачат вработените со предлози, еве неколку идеи. Министерство за култура – Мини фини споменичиња. Министерство за внатрешни работи – Мини фини пендречиња. Министерство за труд и социјала – Мини фини социјалчиња. Министерство за животна средина – Мини фини ѓубренца. Министерство за транспорт и врски – Мини фини парцелчиња.
    Само во владината зграда нема да се отвори градинка. Оти веќе кружат идеите да се вика “Мини фини оставчиња”.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари