СЕДУМ ГОДИНИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:73:"АФранцузитенекаплаќаатзагомнариите

    1 Еееј, како поминаа седум години. Како вчера да беше кога во една тивка августовска ноќ, кога премиерот Никола Груевски и повеќето министри беа на одмор, паднаа две гранати во близина на зградата на Владата. Тогашниот портпарол Ивица Боцевски рече дека “Владата била цел на терористички напад” и им се закани на “сторителите и наредбодавците на овој чин дека ќе се најдат зад решетки”.
    Сигурно и полицијата тогаш сериозно ги сфати пораките на Боцевски. Еве веќе седум години трае истрагата кој ги испукал двете гранати. Зошто трае толку долго? Веројатно, затоа што истрагата е темелна. Па во меѓувреме, во вторникот, во една тивка октомвриска ноќ, се случи повторен напад на Владата и повторно со два проектила. Гранати ли се, ракети ли се, куршуми ли се, ќе покаже истрагата. Со оглед на искуството од 2007, сторителите и наредбодавците и на овој напад можат да се надеваат на темелност на истрагата.

    2 Ми се чини дека овој пат и полицијата не се вознемири премногу. Според тоа што го видовме на телевизиите, повеќе полицајци излегоа на улица онаа вечер кога медиумите осомничија еден Англичанец дека има ебола отколку сега, кога некој пукал кон Владата. Можеби затоа што, од она што може да се види како оштетување на новата фасада на Владата, не би требало да е некој многу амбициозен напад. Да не имало некоја веселба со пиење и пукање во близина? Да не е, можеби, некој заскитан куршум. Само што направил поголема дупка од вообичаено, оти пукнал гипсот на фасадата.
    Квалитетот на материјалот отвора простор за уште поголема загриженост за безбедноста на вработените во објектот, па и на случајните минувачи. Така што, во иднина ако се движиме околу Владата, најдобро е да си понесеме шлем. Не да се заштитиме од проектил, оти кај и да е полицијата ќе ги фати напаѓачите. Туку да не фати невреме. Па кога ќе дувне силен ветер, кога ќе се разлетаат тоа гипсените плочи, ќе ни ги испокршат главите.
    А, можеби, ова било проба пред технички прием за новата фасада. Ги тестирале материјалите и изведбата. Оти, мора да се признае, ваква конструкција на фасада досега не е видена. Треба да се тестира како ќе се однесува на посериозни надворешни влијанија. Дали ќе издржи посилно невреме. На пример, силен ветер комбиниран со град. Па додека се тука мајсторите, да се види дали фасадата држи вода.

    3 Не знам дали ДУИ има интерен правилник за кодекс на облекување или, пак, нивните членови, водени од јуначката демократска традиција, имаат потреба од носење пиштоли. Како и да е, изгледа дека им важи правилото, кај и да одат, без пиштол да не излегуваат. Оти не знаеш кога може да ти затреба. Од каде да знаеш дали вечерва ќе те викнат во кафеана, на свадба, на роденден или на партиски состанок. Што ако веднаш нè викнат да влеземе во НАТО или добиеме датум за преговори со ЕУ? Без пиштол се оди ли?
    За жал, минатиот петок на некои активисти на ДУИ од Кондово муабетот им тргнал во погрешен правец. Си седеле во чајџилница, воделе жестока дискусија околу евроатлантската иднина на државата и во еден момент почувствувале потреба да ги изложат своите аргументи. И кога веќе ги изложиле аргументите, морале и да ги употребат. На патот кон евроатлантската интеграција, четворица завршија во болница. Со прострелни рани. Од силината на аргументите.
    Двајца биле од АРМ, а еден бил полицаец. Полицаецот го користел и службениот пиштол. Се гледа дека бил посветен на работата. Работата си ја носел дома. А и во кафеана.
    Замислете како би изгледало кога сите што имаат службено оружје во оваа држава би си го носеле кога ќе одат по свадби, родендени, крштевки, сунети, пијанки… И да си ги користат кога ќе им дојде. Кој од зорт, кој од ќеф. Среќа што оние во Кондово носеле само пиштоли. Оти можеле да носат и автоматски пушки. А во АРМ има и тенкисти.

    4 Француската Влада со донација од 726.000 евра на градот Скопје ќе му плати изработка на студија што ќе понуди решенија како да не се влеваат фекалии во Вардар. Значи, Французите сакаат да ни помогнат да го спасиме Вардар од нашите лајна.
    Во исто време, на брегот на Вардар почна изградбата на Панорамското тркало. Тоа е нешто што на Скопје му е многу понеопходно отколку чист Вардар. Согласно со тие приоритети, градската власт за тркалото ќе плати 18 милиони евра. А Французите нека плаќаат за гомнариите.

    5 Во текст на дописник од Атина на јавниот сервис МРТВ забележав нова формулација кога се зборува за името на државата. Дописничката вели дека македонските филмови на некој фестивал во Швајцарија биле именувани со “уставното и историско име Република Македонија”.
    Опааа… Нешто се движи во спорот за името. Досега се употребуваше само формулацијата “уставно име”. Сега веќе имаме “уставно и историско име”. Што следува по “историското име”? Географско име? И дали тоа ќе биде исто со уставното име?

    6 Фондот за здравство ќе и` предложи на Владата да се измени начинот на исплата на надоместоците за породилно отсуство. Според предлогот, породилното би го плаќале газдите на фирмите, а потоа ќе бараат поврат на парите од државата.
    Баш ме интересира кој газда ќе прими на работа жена што мисли да раѓа?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари