СКРОМЕН ГАЗДА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:245:"ЗапензионеритеќесеорганизираатбесплатниводнилудориивоАквапаркот.Којќегипоминеситетобогани,занаградаќеодикајКрстот

    1 Ај што претседателката на Уставниот суд Елена Гошева донела одлука да ги избрка камерманите од седницата – донела одлука. _ се може. Претседателка е на институцијата задолжена да го штити Уставот. Тоа во сите држави е сериозна работа. Ама кај беа другите уставни судии кога таа самостојно ја донела одлуката? Како ниеден од нив не и` укажа: “Чекајте, претседателке, оваа одлука не ви е според Деловникот. Па и според Уставот што го чуваме, вака убаво облечени за сликање во тоги, нели цензурата е забранета? Дај да подискутираме зошто да забрануваме снимање на седниците”.
    Го чув нејзиното образложение. Претседателката не успеа да состави една сложена реченица во која јасно на јавноста ќе и` ја соопшти својата мисла зошто се одлучила на ваков чекор. Затоа и очекував другите уставни судии да и` помогнат, ако веќе се согласуваат со неа, а не да ја остават да се кара со новинарите како на пазар. Сите тие се, нели, големи умови. Сите тие се бранители на уставноста. Сега, кога седниците на Уставниот суд нема да може да се снимаат, не ќе можеме да се одушевуваме на брилијантните решенија на судиите. А башка и нема да знаеме кој како дискутирал, па ќе мислиме дека сите деветмина се учени и паметни.
    Новинарите што ќе известуваат од Уставниот суд отсега ќе мора да одат на седниците со двајца сведоци. За да си обезбедат одбрана при евентуална тужба за клевета. Нема да има ни аудио ни видеозапис, па некој ќе треба да потврди дека тоа за што известувале новинарите, судиите навистина го кажале.
    Во Македонија остварувањето на правото на информирање, иако го гарантира Уставот, станува сe покомплицирано. Зборот на новинарот наспроти зборот на 9 уставни судии.

    2 И лидерот на СДСМ Зоран Заев ја одбрани Радмила Шеќеринска затоа што побарала апанажа за изминатата пратеничка функција. И тој рече дека тоа е законски и дека и` следува.
    И така е. Законски на потпретседателката на СДСМ и` следува апанажа. И тука нема ништо спорно. Тоа не се пари на Груевски. Си работела четири години како пратеник, дури и со гипс на нога доаѓаше на работа. Со гипс на нога и ја изнесоа насила од Собрание во една прилика кога спикерот Трајко Вељаноски нареди евакуација на опозицијата и на новинарите. Така што Рада си ги заслужила парите. Дури и дежурните експерти на ВМРО што велат дека нејзиниот потег не бил морален, најмалку можат да зборуваат за морал, оти и самите свртеа по два-три круга низ разни партии. И сигурно не ги вртеа круговите оти ја менуваа идеологијата. Така што дали е морално или не – може да се дискутира. Ама… Сепак, има едно – “ама”. Законски е, можеби е морално, ама не е лидерски.
    Е тоа е болката на СДСМ од времето на Бранко. Ако може да дојдат на власт, ама другите да ги дадат жртвите. Па ги караат бизнисмените оти не се бунеле кога им доцни повратот на ДДВ. Па ги караат новинарите ако не се бунат кога власта им врши притисок. Им се лутат на лекарите што не штрајкуваат до крај кога ги понижуваат. И земјоделците им се виновни кога не блокираат патишта ако им доцнат субвенциите. И судиите им се виновни оти дозволуваат да им вршат притисок. Сите треба да дадат жртва. А кога треба тие да се откажат од нешто, не се откажуваат оти тоа им следува. Оти за следување се родени.
    Па после Бранко разочарано констатира дека народот е во право дури и кога греши. Не греши народот. Гледа и казнува. И ако сакаш да бидеш лидер, треба да правиш и лидерски жртви. Храбро е да кажеш дека власта краде и нема зошто да се откажуваш од тоа што ти следува. Убаво е и оправдувањето дека Рада ќе ги земела парите за инает на Груевски. За да не му ги остави за тој да ги украде. Рада ќе ги земе, оти не е спорно дека и` следуваат. Ама само за инает на Груевски не се доаѓа на власт.
    Башка ако е само до инаетот, можеше тие пари и да ги подари некаде. Макар и во партиски солидарен фонд за плаќање на судските казни на сопартијците што ги откриваат наводните кражби на власта. И тоа требаше да го каже јавно во моментот кога го поднесуваше барањето за апанажа. И така со маркетиншки трик во ВМРО-вски стил ќе ги удреше ВМРО-вците.
    Во случајов не зборуваме за тоа кој колку крадел и зошто. Зборуваме за личен пример на лидер кој што ќе покаже дека е спремен да се откаже од некаква лична корист во име на некаква голема идеја. На тој начин, ние, обичните што не сакаме да живееме од политика, сакаме да видиме дека изборот ни е меѓу добар и лош, а не меѓу повеќе лош и помалку лош.
    Во време кога СДСМ се обидува да ја убеди јавноста дека тие се спасот за оние на кои власта не им чини, овој навидум ситен гест на потпретседателката на партијата е крупно разочарување.

    3 Никогаш не сум можел да сфатам како лекарите, особено оние што активно работат со пациенти, решаваат да одат во политика. Сам да се казниш. Од позиција каде што те почитуваат, да одиш на позиција каде што треба да спроведуваш партиски директиви.
    Директорката на Детската клиника во Скопје Аспазија Софијанова беше избрана за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, ама си даде оставка. Рече: “И пратеничката функција е за доброто на народот, но, сепак, мојата одлука е да продолжам да работам во корист на децата”. До ова сознание дошла откако беше една од најгласните и во кампањата на претседателот Иванов и во кампањата за парламентарни избори.
    Не знам што било преломна точка за д-р Софијанова да се повлече од пратеничката функција. Ама знам дека како лекарка ја гледаат како Господ кога децата ќе качат и најмала температура. А како пратеничка таа ќе мораше да го гледа како Господ новиот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, неодамна дипломираниот Илија Димовски.

    4 Претседателот на Сојузот на синдикатите Живко Митревски си купил две службени коли. Една како претседател на ССМ, а другата како претседател на гранскиот синдикат за шумарство. Се оправда дека старите коли биле небезбедни: “И најмалите газди имаат подобри коли од нас”, рече првиот синдикалец.
    Станал лидер на синдикат, ќе ги брани правата на работниците, а не знае дека и најмалите газди за колите што ги возат, трошат свои пари. Не ги купуваат колите од членарината на вработените.
    Што е Живко? Газда на Синдикатот? Од оние поголемите газди? Ама скромен газда.

    5 Одвај чекам да се изгласа новата влада. Да почнат да работат за да им дадам предлог. Што е ова, многу ги заборавија пензионерите. Во пролет и есен одат по бањи. Во зима им пуштија бесплатно скијање. А летово може да им поделат бесплатни билети за скопскиот Аквапарк. И да им организираат водни лудории.
    Кој ќе ги помине сите тобогани, за награда ќе оди кај Крстот.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари