ТИБАМ ЦИМЕТОТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:114:"Секојможедаодикајштосака,амаданеставапипервоманџата

    1. Данските пекари мора да го намалат количеството цимет што го ставаат во традиционалните дански колачиња, оти така им наредила Европската Унија. Данската служба за безбедност и храна планира да ги имплементира регулативите на ЕУ за ограничување на употребата на циметот, оти поголема доза можела да го оштети џигерот. Сега данските пекари се жалат на Владата дека ЕУ ќе го уништи вкусот на познатите колачиња што се прават повеќе од 200 години. “Данските колачиња веќе нема да бидат исти”, се побуниле од Здружението на пекари, а данската Влада ќе расправа за ова важно прашање во февруари.
    Гледаш, и Данците си имаат сериозни проблеми со ЕУ. Камо ние до буковската пипер во ќебапчињата да стигневме. Па наместо дијалог на високо ниво за слобода на медиумите и за имплементација на заклучоците од ланскиот 1 март за прекланскиот 24 декември, да расправаме за имплементација на директивите на ЕУ за ограничување на употребата на буковецот во ќебапчињата. А Владата, по претходно одржан политички дијалог со опозицијата, ќе решава дали мора да тури пипер во секоја манџа, ако тоа е спротивно на европските регулативи.
    Како човек да не посака да влезе во ЕУ? Ќе си зборуваме колку цимет смееме да ставиме. Како Данците што си имаат слатки проблеми. А не кај нас, секоја одлука што ќе се донесе е прашање на слобода или смрт.

    2. Како, на пример, посетата на Заев и на Шеќеринска на Брисел и средбата со еврокомесарот Штефан Филе. Еј каква драма се дигна, те водството на СДСМ било викнато на рапорт, те не било рапорт, туку нормална средба за евроинтегративниот процес, те СДСМ го продаде името, те не бил СДСМ, туку ВМРО-ДПМНЕ била таа што се согласила на промена на името, соопштение на едните, соопштение на другите, па ново соопштение за обвинување, па уште едно соопштение за дообјаснување, веднаш паѓаат тешки зборови за предавство, за државни интереси…
    Една обична посета на Брисел и средба со еврокомесар, кој башка е и на заминување, стана прашање на смрт или слобода. Во недостиг на вести и без соодветно толкување што значи кога паричката ќе се падне кај ќерката на Трајко Вељаноски, а не кај син му, дури и “експертите” се јавија. И по сеопфатна анализа заклучија дека “секој, па и опозицијата има право да оди во Брисел”. Ама не смее да става пипер во манџата.

    3. Прво СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го преброаја народот, кој на чија забава дошол на Нова година. Потоа, логично следуваше и натпреварот кој поголем оган ќе запали. Барем за потпалување се мајстори.
    Кога служев војска во ЈНА, кога се одржуваа вежби, нe делеа на сини и црвени. Демек сините беа нашите, а црвените непријателите. И сега е исто. Само што сега сините се непријателите, а црвените се нашите.
    Кога сме веќе кај боите и непријателите, ќе ви раскажам една вистинска случка. Една амбасада во Скопје решила да донира бои за премачкување на оградата на јавна установа за згрижување деца, која патем е многу популарна кога политичарите треба да ја демонстрираат својата хуманост. Вработените од амбасадата еден викенд, заедно со децата и вработените од установата, организирале работна акција за бојосување на оградата. Сe било во ред, додека директорката не сфатила дека децата мачкаат со сина и со жолта боја. Џабе било објаснувањето дека тоа се боите на ЕУ. Директорката ја фатило паника и работната акција била прекината. Следниот викенд оградата ја бојосале со црвена и со жолта боја.
    Така што Филе мора да е или голем оптимист или наивен политичар, или ултрасовесен бирократ ако мисли дека ќе ги уплаши нашиве политичари оти дијалогот на високо ниво со ЕУ нема да продолжи ако тие не го имплементираат договорот од ланскиот први март. Или, просто кажано, ако Груевски и Заев не почнат да разговараат меѓу себе. Зарем некој верува дека ќе почнат?
    Му кажал ли на Филе некој дека ние тука имаме народни изрази за такви надреални ситуации? На пример, “на куково лето”. Или “кога врбата ќе роди грозје”. Или, “кога ќе си го видам тилот”.

    4. Со политичките експерти што одобрија дека “секој може да оди кај што сака” не се согласува поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан. Не знам само дали сакаше да го усрами Заев пред верниците или да им направи шубе на тие што во време на зимски распуст ги однеле децата на зимување далеку од маглите и загадените градови, кога во божикното послание порача дека “многумина меѓу нас во деновите кога црковни настани празнуваме и на државно ниво, заминуваат на најразлични места заборавајќи дека празникот е за празнување со богослужби, духовни содржини и посети на свети места”.
    Како ли дојдовме до ова дереџе попови да ни кажуваат како да живееме и за патување да бараме дозвола? Владиката Стефан веќе со години нe кара на секој поголем верски празник. Како што минуваат празниците, возниот парк и недвижнините на МПЦ само се зголемуваат, а вредните икони од црквите исчезнуваат. Можеби затоа и нe кара, за да не остави простор и тој да биде искаран.
    А што се однесува до верниците, тие сигурно чекаат да си заминат политичарите од црквите, па во мир и далеку од телохранителите да си се посветат на верата. Кој си верува, за себе си верува и во себе си ја носи верата.
    Кај и да е, за Велигден очекувам да се појави нова реклама. Имаат време да ја смислат до април. Оти уште за одење во црква реклама не сме виделе.
    “Си ги свртевте паричките? Господ ќе ви прости!”

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари