ТРУДНА НЕВЕСТА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:192:"Новинаритеприбираатдокументизадагодокажатсвоетомакедонскопотеклобаремдотретоколенонаназад

    1. Борисав Јовиќ конечно може мирно да спие. Омилените зборови од него­виот речник, од времето кога секоја вечер со својот препознатлив ведар лик ни посакуваше добра ноќ, веќе не се негова луда желба. Сега имаме и хаос, ката­строфа, братоубиствена војна, крвопролевање, тенкови, свршени чинови… Милан Кучан дочека да стане мал претседател на малата држава, но не го дочека ни првото утро за да ја полее независната липа. Му ја згазија тенкови. Јанез Јанша конечно доби вистинска можност да го провери своето воено познавање и “на живо” да го тестира увезеното оружје. Фрањо Туѓман, во согласност со својата самобендисаност, ги изигра дури и Словенците, со тоа што си ја прогласи својата независна Хрватска еден час пред нив. Колку да се знае кој прв почна. Слободан Милошевиќ сега може само задоволно да гледа како светското јавно мислење одеднаш ја заборави болшевистичка Србија, тепањето на својот народ, уки­нувањето на автономијата на покраините и целата вина ја префрла на сецесио­нистичките Хрватска и Словенија. Во меѓувреме добива доволен маневарски простор да подготви нова офанзива за остварување на вековната цел: Сите Срби во една држава. Воениот врв го дочека вистинскиот момент, без врховен командант да покаже кој ја има силата во оваа  земја. Без разлика што со неа заедно не одат ни разумот, ни убавината.
    Сакам да кажам многу работи и за уште многу други, кои, еве, конечно успеаја да нé донесат во ситуација во иста држава да се делиме на наши и ваши. Но, зборовите веќе немаат смисла. А и совеста не ми дозволува. Заради почит кон мртвите. И “наши” и “нивни”.

    2. А заради почит кон македонското литературно наследство, деновиве се потсетив на Чернодрински и неговата “Македонска крвава свадба”. Затоа што нашите пратеници наместо да нé воведат во идниот, имаат обичај да нé враќаат на почетокот на овој век.
    Главни виновници за ова се големите собраниски паузи и евтината пијачка во собраниското бифе. По целодневно “закрепнување” не треба да чуди што пратениците накрај се чувствуваат како на свадба. Па Митко Анастасовски од ВМРО-ДПМНЕ дури инсистираше: “Невестата ќе ја венчаме вечерва!”
    Не знам зошто се брзаше толку невестата да се венча така – апансас. Како да е трудна, па ајде побрзо да се откачиме од неа. Во што чисто се сомневам, бидејќи Македонија е – невина. Нели со ништо не придонесе за ескалација на југо­­сло­венската криза. Настрана што уште не сме го одбрале момчето. А и не знаеме колку мираз можеме да однесеме.
    За да не ме обвинат големите и добри Македонци дека се залагам Маке­донија да ни остане вечно стара девојка, ќе им кажам дека колку што сум сфатил од историјата, и во 1903-та ја венчаа Македонија набрзина, со неподготвен мираз, без целосна согласност на родителите… Ама, млада, зелена, ја измамија строј­ниците отстрана.

    3. Љупчо Георгиевски беше подготвен за свадба. Дотеран, запетлан, со вратоврска. Ама невестата се исплаши. И втераа страв во коските македонските новинари. Цело време ја убедуваат дека е грда и дека никој не ја сака. А и да ја земе некој, ќе ја земе од сожалување како неспособна, бидејќи секогаш друг мора да ја храни.
    За да ја венча Македонија, Љупчо е лично подготвен да скокне под првиот тенк на армијата која не се знае кој ја командува. Потоа, како човек  кој за раз­лика од новинарите има сосема одговорен однос кон својата држава, ќе организира отпор со македонската војска, вооружена со најсовремено странско вооружување и со поддршка на целата светска јавност која ја признава Република Македонија. За сé да мине во најдобар можен ред, лично ќе ја преземе контролата врз сре­дствата за јавно информирање што водат антимакедонска политика и ќе емитува и објавува покани за свадба.
    Потоа триумфално ќе настапи неговиот партиски соборец Љупчо Јакимовски и заповеднички ќе рече: “Дајте да направиме држава и да не се играме!”

    4. За да се биде новинар во македонската држава, не само што ќе треба да се пре­живее тортурата на смешните парламентарни заседанија, туку и ќе мора да се донесе доказ за македонското потекло, барем до третото колено наназад. Затоа што, во вистинска европска држава во која, како што вели г. Георгиевски, средствата за јавно информирање се под контрола, и реченицата од типот “новинар од немакедонско потекло”, каква што изговори Томислав Стефковски, е врвен израз на демократијата и почитување на човековите права.
    Исто како што и Томе  Стојановски, по напуштањето на Парламентот од страна на пратениците на албанските ПДП и НДП, во бифето (ако е тоа оле­снителна околност) пред ТВ камерите изјави: “Среќен им пат!”Не знам – каде? И каква европска, самостојна и меѓународно призната држава ќе направиме без Албанците што со векови живеат со нас. Бидејќи не сакам да верувам дека во Собранието седат толку усвитени глави што можеби веќе сонуваат товарни вагони, она “Среќен им пат!” ме враќа на новокомпонираната врвна патриотска мисла “Вардар тече кон Солун”.
    Сите патишта водат кон Солун. На годишен одмор. Зашто, ако продолжиме вака, патот до Охрид ќе ни биде блокиран.

    5. Македонската телевизија од минатата недела, во терминот кога се при­кажуваше серијата “Подобар живот”, ни ја емитува воената серија “Ранетиот”.
    И “Вечер” е во тек со времето. Подготвуваме нова наградна игра. Наместо “мазда”, среќниот читател ќе добие – тенк.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари