Милена Ѓорѓиевска – Гласот на Америка, специјално за САКАМДАКАЖАМК.МК
Редици граѓани пред гласачките места низ САД чекаат да го изберат идниот американски претседател. Гласаа и двајцата претседателски кандидати Хилари Клинтон и Доналд Трамп.
Прва гласаше Клинтон, на избирачко место во близина на нејзиниот дом во Њујорк, во придружба на нејзиниот сопруг Бил Клинтон, поранешен претседател на САД, кој исто така гласаше.
„Самиот чин на гласање ми предизвика длабоко чувство“, рече Клинтон, и додаде:
„Знам колкава одговорност носи овој избор, и колку многу луѓе чекаат на резултатот од изборите, а јас ќе го направам најдоброто што можам за оваа држава, доколку победам денес“.
Трамп, пак, гласаше малку подоцна, заедно со неговата сопруга Меланија Трамп, во близина на нивниот дом во Менхетн. Пред насобраните новинари тој рече:
„Ќе видиме што ќе се случи, но изгледа многу добро“.
Првите резултатите рано утрово по локално време покажаа дека Клинтон води во градот Диксвил Ноч во Њу Хемпшир, победувајќи го Трамп со четири спрема два поени.
Резултатите од 50 американски држави и од Вашингтон нема да се објават додека не се затворат сите гласачки места. До осум вечерва, вашингтонско време, ќе се затворат гласачките места во источните и во централните делови на државата, група држави во кои се бројат повеќе од половината од 538 електорални гласови.
Една од најбитните држави во изборите е Пенсилванија. Таму, и Републиканците и Демократите, гледаат шанса за победа, иако од 1980 година Демократите победуваат со мала разлика.
Клинтон очекува да постигне добар резултат во Питсбург и Филаделфија, пред се со поддршката од афроамериканската заедница, додека Трамп очекува да освои повеќе гласови во руралните, помалку населени области во оваа сојузна држава.
Анкетите на изборниот ден покажуваат дека Клинтон води пред Трамп со два до три поени. Десетици милиони Американци излегоа во рамки на раното гласање.
Њујорк – домаќин и на Клинтон и на Трамп
Њујорк е домаќин на претседателските кандидати на изборниот ден. Полицијата и градоначалникот Бил де Бласио тврдат дека се внимателни и се подготвени да реагираат доколку е потребно.
Во исто време во центарот на Менхетн, на одлучувачката ноќ за Америка, весела атмосфера ги прикрива стравот и несигурноста – двојки лизгаат на мраз, продавачи на празнични дребулии и музика на Френк Синатра во позадина.
Њујорчани, кои живеат во најлибералната територија во поделената држава, имаат измешани чувства на оптимизам, очигледна претпазливост.
Градоначалникот Де Бласио утрово го посвети да се обезбедат сигурносни мерки во градот.
„Некои од работите што ги видовме и слушнавме оваа година се проблематични и разочарувачки. Но, јас сум овде да ве потсетам дека ние сме подобри од тоа. Кога демократијата е доведена во прашање, тоа е уште една причина да се биде вклучен“, рече де Бласио, и ги повика несигурните граѓани да гласаат.
„Кажете им дека гласањето е важно и лично. Помогнете ни да направиме држава каква што заслужуваме“, порача де Бласио.
АМЕРИКАНЦИТЕ ГЛАСААТ И ЗА ЧЛЕНОВИ НА СЕНАТОТ И ПРЕТСТАВНИЧКИОТ ДОМ
Граѓаните на САД денес гласаат и за членови на Претставничкиот дом и на Сенатот. Тие треба да одлучат кој ќе ги пополни 34-те од 100-те места во Сенатот, и сите 435 места во Претставничкиот дом. Републиканците сега доминираат во Сенатот со 54-46, додека Демократите треба да освојат пет места за да формираат мнозинство.
Во Претставничкиот дом, Републиканците имаа мнозинство од 247-188.