МАКЕДОНЕЦОТ ВЛАТКО АНДОНОВСКИ Е НОВ СЕЛЕКТОР НА АМЕРИКАНСКИТЕ ФУДБАЛЕРКИ

    МАКЕДОНЕЦОТ ВЛАТКО АНДОНОВСКИ Е НОВ СЕЛЕКТОР НА АМЕРИКАНСКИТЕ ФУДБАЛЕРКИАндоновски се прослави како тренер на Канзас Сити и бил прв избор на репрезентативките за нов селектор (Фото: АП)

    Македонскиот стручњак Влатко Андоновски е именуван за нов селектор на женската фудбалска репрезентација на САД, која е актуелен двократен светски шампион. Четириесет и тригодишниот Андоновски, кој е роден во Скопје, ќе има тешка задача да ја наследи Џил Елис, која поднесе оставка само три месеци по триумфот на Светското првенство во Франција, односно на девет месеци до Олимписките игри во Токио.

    Како централен дефанзивец, Андоновски настапуваше за Работнички, Македонија Ѓорче Петров и Вардар, пред да се пресели во САД во 2000 година. Таму играл фудбал во сала до повлекувањето во 2006 и потоа почнал тренерска кариера.

    Неговиот тренерски подем почнува во 2013 година со формирањето на клубот Канзас Сити и Меган Рапиноу, една од најдобрите фудбалерки на светот, го опишува како тактички мајстор кој лесно се прилагодува кога е неопходно и притоа има одличен однос со играчите.

    Откако најискусните играчи се кренале против Елис, тие јасно ставиле на знаење дека го сакаат Андоновски за нов селектор и тој бил прв избор во рамките на репрезентацијата.

    Андоновски станува селектор откако минатата недела беше прогласен за најдобар тренер во лигата, иако со екипата на Реин не успеа да ги повтори успесите од Канзас Сити, со кој двапати беше првак. Тој ќе дебитира на новата функција на 7 ноември, кога САД се среќаваат со Шведска.

    „Ова е голема чест за мене и едвај чекам да почнам со работа. Играчите и тренерите пред мене имаат изградено легендарна традиција на извонредност и посветено ќе работам да продолжам по тој пат“, изјави Андоновски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира