Основниот суд Штип распишува меѓународна потерница по осуденото лице Игор Спасов, кој треба да отслужи уште 7 години и три месеци казна затвор, зашто избега.
Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, попладнево до овој суд стигнало известување од МВР дека по потрагите на македонска територија, затвореникот не бил најден.
Спасов не се знае кога е точно избеган. Последниот прекин на затворската казна, по мислење и препорака на судско вешто лице дека треба да продолжи да се лекува надвор од затворот Идризово, судијка на извршување санкции од ОС Штип му ја издала на 18 август 2019 година во траење од два месеца, до 18 октомври во 12 часот.
Директорот на затворот Идризово Боби Мојсоски вели дека штом било констатирано дека на 18-ти (петок) овој месец Спасов не дошол назад во затворот да ја доотслужи казната за убиството на Мартин Нешкоски, првиот нареден равотен ден во понеделникот на 21 октомври, по пошта испратил известување до надлежниот суд во Штип.
Новиот претседател на судот Ѓорѓи Андонов вели дека известувањето од Идризово стигнало дури по три дена, што заклучно со 18-ти кога не се вратил во затвор Спасов, му дава право да заклучи дека писмото патувало 6 дена, до кај нив. Патем, додека траат овие преписки на одговорноста за исчезнувањето на Спасов, воопшто не е познато од 18 август наваму кога точно избегало осуденото лице.
Затворениците за кои лекари специјалисти и судски вештаци ќе препорачаат да се лекуваат и оперираат надвор од затворите, директорите на затворските институции и судиите, не смеат да го спречат тоа.
С. К. ДЕЛЕВСКА