Државата преку јавно-приватно партнерство ќе добие на располагање хеликоптери за здравствени услуги, за пожари и за кризи преку меѓународно осигурување на лица, рече премиерот Зоран Заев, како објаснување на информацијата која вчера помина на Влада за спроведената постапка за најповолна понуда преку Генералниот секретаријат на Владата.
Тој рече дека државата нема да потроши пари, туку дека тоа е скандинавски модел на јавно-приватно партнерство, кое се шири на балканскиот полуостров.
„Се работи за приватни компании, кои ги нудат хеликоптерските услуги и за здравствените услуги и при пожари и при кризи, а наплаќаат и се одржуваат од осигурувањето на лица, кое постои преку меѓународното осигурување на лица, најчесто е за патници кои транзитираат низ Македонија. Најчесто, граѓани на Турција, кои од Србија минуваат низ земјата и на грчка граница продолжуваат кон Турција, тие имаат целосно следење со тие хеликоптери, оти плаќаат со своето осигурување за својот живот или осигурувањето на лица, или на друг механизам за наплата преку осигурителните системи. Но, државата на тој начин добива бесплатно хеликоптери, кои по околу осум години остануваат на државата и плаќаат одредена сума на котизација на државата“, рече Заев на денешната прес-конференција во Владата.
На прашањето кои се тие фирми, тој рече дека овде во земјава е формирана компанија застапник на странски фирми.
„Формирана е компанија ’Сархем‘, како застапник на фирми од Скандинавија и не знам ни фирмите да ги кажам кои се прошируваат кои се. Најдоцна за шест месеци таа компанија става на располагање два хеликоптери опремени за медицински услуги и за пребарување и спасување бесплатно за граѓаните на Македонија, кои за петнаесет минути треба да бидат на местото, каде треба да се изврши интервенцијата, ќе значи живот спасен, спасување, брзо лекување, или заглавени планинари други брзи интервенции“, рече Заев.
Е. БОЧВАРОСКА