НАД СТО ПОЖАРИ НА СТРНИШТА ПРЕКУ НОЌ ВО ПЕЛАГОНИЈА, ОПОЖАРЕНА И ПРУГАТА КАЈ НОВОСЕЛАНИ

    НАД СТО ПОЖАРИ НА СТРНИШТА ПРЕКУ НОЌ ВО ПЕЛАГОНИЈА, ОПОЖАРЕНА И ПРУГАТА КАЈ НОВОСЕЛАНИГрадоначалничката на Битола, Наташа Петровска, побара од инспекторите за животна средина да делуваат на терен. - Од синоќешните пожари (аматерска фотографија)

    За два дена се случиле над сто пожари од запалени стрништа на територијата на општините Битола, Новаци и Могила, соопшти началникот на Територијалната противпожарна единица од Битола, Костадин Поповски. Тој вели дека во неговата долгогодишна професија не видел вакво масовно палење на стрништа и тоа преку ноќ. Огнот кај село Новоселани ги зафати дури и дрвените прагови од железничката пруга, па железничката линија беше во прекин.

    „Имаше над стотина опожарени места каде што гореа стрништа. Само вчера единицата имаше над десет интервенции со пожарникари на местата кои беа најзагрозени. Од неконтролираното палење на стрништата беше опожарена железничката пруга кај Новоселани, па хангар на ЗК „Пелагонија“ во Долно Српци, а претходниот дел беше опожарен и овоштарник од околу еден хектар во село Доленци“, вели Поповски.

    Од Пожарната во Битола се сомневаат дека земјоделците ги палат стрништата за да ги исчистат од нараснатата вегетација, а тоа го прават во ноќните часови за да избегнат контроли и казни од надлежните институции. Во изминатите години немале видено толку масовен палеж во два дена.

    Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, побара од инспекторите за животна средина да делуваат на терен.

    „За жал, тоа се случува на ниво на цела држава, па и во регионот на поранешните ЈУ простори што укажува на тоа дека мора да се работи на подигнување на свеста кај граѓаните. Но, свеста се подигнува, за жал, и со инспекциски увиди. Имам побарано соодветните инспекциски служби апсолутно да делуваат. Не можам да дадам точна информација за бројка на поднесени казни, но знам дека кај обиколницата веќе инспекцијата има одредено точно казни за луѓе кои се фатени во такви активности“, рече Петровска.

    Со палењето на стрништата мерните станици почнаа да покажуваат зголемено загадување на воздухот во Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира