СУДИЈАТА САЛИ МУРАТИ, КОЈ СО КОЛЕШКИТЕ НАТАША ГАБЕР И ГЗИМЕ СТАРОВА СЕ СПРОТИВСТАВУВАШЕ НА ОДЛУКИТЕ ВО ВРЕМЕТО НА ГРУЕВСКИ, НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УСТАВНИОТ СУД

    СУДИЈАТА САЛИ МУРАТИ, КОЈ СО КОЛЕШКИТЕ НАТАША ГАБЕР И ГЗИМЕ СТАРОВА СЕ СПРОТИВСТАВУВАШЕ НА ОДЛУКИТЕ ВО ВРЕМЕТО НА ГРУЕВСКИ, НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УСТАВНИОТ СУДЗа време на режимот на Никола Груевски, кога со Уставниот суд раководеше Елена Гошева, а судот носеше контроверзни одлуки во поддршка на владејачката гарнитура предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Мурати беше еден од четворицата уставни судии кои објавуваа издвоени мислења контра мнозинството (Фото: Ѓ. Личовски)

    Судијата Сали Мурати, кој за време на режимот на Никола Груевски и диригираните одлуки на Уставниот суд заедно со судиите Наташа Габер, Гзиме Старова и Исмаил Дарлишта редовно објавуваше издвоени мислења контра мнозинството, денеска е избран за претседател на Уставниот суд.

    Мурати ќе стапи на функцијата од петок, први ноември. Доаѓа на местото на досегашниот претседател Никола Ивановски.

    Мурати е првиот македонски Турчин кој ќе биде претседател на Уставниот суд.

    Претседател на Уставен суд се бира со двотретинско мнозинство од вкупниот број судии, со тајно гласање.

    Судијата Мурати остана запаметен и по киксот во 2014, кога Уставниот судот одлучи да не поведе постапка за контроверзниот Закон за прекинување на бременоста што го донесе владата на ВМРО-ДПМНЕ додека министер за здравство беше Никола Тодоров, со кој се ограничи правото на абортус.

    Мурати ја разгневи јавноста со изјавата: „Сонот на секоја жена е да се омажи и да стане мајка, ако се дозволи многу слободен закон за абортус, ќе се зголемат неверствата во бракот и другите неморални појави”.

    Во биографијата на дипломираниот правник Мурати, стои дека пред да биде избран за уставен судија, активно се занимавал со проблематиката од уставното право, правата на заедниците, слобода на мисла и вероисповед и меѓународно приватно право.

    Мурати наскоро ќе треба да менаџира чувствителни иницијативи на седница на Уставниот суд. Се работи за повеќе иницијативи против Законот за употреба на јазиците, кои се опфатени во еден предмет. Неодамна овој двапати донесен закон, што не го потпиша поранешниот претседател Ѓорге Иванов, доби негативно мислење од Венециската комисија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира