Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави зајакнати контроли на државните инспекторати, а заедно со инспекторите од општините ќе има и по еден полициски службеник за да се спречи палење отпад, диви депонии и палење шуми. Тој рече дека за возилата кои не ги исполнуваат стандардите нема да бидат регистрирани и најави зајакнати контроли во објектите со А и Б интегрирани дозволи.
„Апелирам до сите да внимаваат и да не палат, затоа што ќе има ригорозни казни“, рече Спасовски.
Министрите за внатрешни работи, за животна средина и за земјоделство денес со надлежните инспекциски служби и со локалните самoуправи имаа координативен состанок за преземање краткорочни мерки за намалување на загадувањето.
Министерот за животна средина Насер Нуредини рече дека ова се краткорочни мерки за справување со аерозагадувањето, а веќе има план за долгорочни мерки.
Министрите немаа одговор на прашањето до каде е постапката за набавка на филтер на РЕК Битола, а министерот за земјоделство Димков рече дека обезбедиле мерка зелена нафта за земјоделците.
Прашан дали знае дека има тужби за владата и надлежните министри и барање до премиерот да им ги одземе службените возила. Тој рече дека чул за тужбата и дека тоа е работа на органите кои решаваат по тоа.
„Стоиме на располагање на сите граѓански организации за сите предлози што ги имаат за подобрување на состојбите и спремни сме да ги разгледаме и примениме. Не станува збор за тоа дали ќе се откажеме од комодитет за возење на службени возила, но ако тоа придонесе да се намали загадување на воздухот сите би оделе на работа со автобус и јас би одел со автобус“, рече Спасовски.
Е. БОЧВАРОСКА