ПРОГРЕСИВНИОТ ДАНОК СЕ СТАВА ВО МИРУВАЊЕ ДО 2023, НАЈАВИ МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ АНГЕЛОВСКА

    ПРОГРЕСИВНИОТ ДАНОК СЕ СТАВА ВО МИРУВАЊЕ ДО 2023, НАЈАВИ МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ АНГЕЛОВСКАПрогресивниот данок на доход, данокот на доход од камати на депозити и данокот на капитални добивки од хартии од вредност од следната година се ставаат во мирување за 36 месеци, или за три години;- Министерката за финансии Нина Ангеловска. (Фото: Влада на РСМ)

    Прогресивниот данок на доход, данокот на доход од камати на депозити и данокот на капитални добивки од хартии од вредност од следната година се ставаат во мирување за 36 месеци, или за три години, најави министерката за финансии Нина Ангеловска. Таа рече дека анализите со надворешни и домашни консултанти на ефектите од воведувањето на прогресивниот данок на личен доход покажале незначително подобрување на распределбата на доходот, односно намалување на нееднаквоста за помалку од еден отсто, како и даночно избегнување, односно дека се изгубени 50 отсто од даночните приходи кои можеле да се соберат.

    „Некои даночни обврзници, без оглед дали индивидуи или фирми, ги нема во систем, можеби одлучиле да се префрлат во друг даночен систем кој им нуди подобар третман и услови. Некои даночни обврзници одлучиле дел од своите доходи да ги префрлат на други лица со цел да не го надминат прагот за прогресивната даночна стапка и со тоа направиле фиктивно подобра прераспределба. Според резултатите, овој ефект е особено присутен кај доходите од повремено и привремено вршење на дејност од авторски дела и од закупнини. Данокот на доход од плати е 64 отсто и 4 отсто по основ на други примања, а товарот од прогресивната стапка главно го презеле компаниите или од 70 до 90 отсто“, рече Ангеловска.

    Прогресивниот данок на личен доход почна да се применува од оваа година со стапка од 18 отсто, на праг од 90.000 денари, односно за доход до овој праг се плаќа персонален данок на доход од 10 отсто, а сумата над овој праг се оданочува со повисоката даночна стапка.

    „Нема да се загрози социјалната реформа со одложување на прогресивниот данок“, рече Ангеловска.

    „Стапката од 10 отсто ќе се применува на доходот од работа, на доходот од самостојна дејност, авторски сродни права и од продажба на сопствени земјоделски производи. Заедно со тоа се става во мирување и стапката од 15 отсто, односно со стапка од 10 отсто ќе се однаочуваат приходите од права од индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал и капитални добивки, осигурување и друг доход“, рече Ангеловска.

    Таа смета дека прогресивниот данок може да има општествено корисна улога и да направи поправдена распределба, но за да биде така даночните обврзници мора да имаат доверба во системот и да сакаат да плаќаат данок.

    Таа рече дека примената на оданочувањето на капиталните добивки од хратии од вредност ја одложуваат за да направат и законски измени со тоа што ќе се даночат и уделите од инвестициските фондови.

    „Со стапка од 15 отсто ќе се даночат инвеститорите кои хартиите од вредност и уделите во инвестициски фондови ги поседуваат до една година, со стапка од 10 отсто оние што ги чуваат до 10 години, а ослободени од данок инвеститорите кои ги поседуваат над 10 години“, рече Ангеловска.

    Данокот на камати од штедни влогови, како што рече Ангеловска, се одложува за да се направат измени во делот на известување од страна на банките и штедилниците и поедноставување во наплата на данокот што го овозможува технологијата, односно поврзување на банките со Управата за јавни приходи при наплата на данокот.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира