Фармерот Душко Илиевски бара политички азил зашто како што вели не може повеќе да ја издржи тортурата од државата, но се жали дека од полиција не му издаваат пасош.
„Како што во 2010 година ми се случуваа протисоци со полицијата и со судот , еве сега и во 2016 година ми се случуваат истите проблеми. Денес утрово ме викнаа телефонски да сум се јавел во полиција. Што е ова, во сабота и недела имаат слободни термини за мене да ме викаат? Дома комбиња ми идат небаре свадба ќе правиме, што згрешив толку за да ме малтретираат? Деновиве инспектори поминаа покрај моите ниви со уште еден битолчанец. Фотографираа таму. Нивата е полна со дива марихуана како и пред шест години. Во која бавча да одам ме снимаат, што сликаат не знам“, вели Душко.
Додава дека во моментот не е осудуван, обвинуван, нити пак има изречена мерка против него за да не може да ја напушти државата. За судскиот процес што против него се водеше во 2010 година кога беше обвинет дека во бавчата одгледувал марихуана има добиено парвосилна ослободителна пресуда.
„Зошто и покрај сето ова да не ми се даде пасош? Вчера се сликав, началничката ми кажа дека има спор со мене и дека не може да ми издаде пасош. Прашувам дали сите луѓе против кои биле водени судски спорови во земјава не можат да извадат пасош?“ вели Илиевски.
Од битолската полиција велат дека против него не биле преземени никакви активности деновиве. Во одделението за пасоши велат дека е тие се под МВР Скопје и дека треба таму да се види дали евентуално Илиевски има некаква забрана.
Душко Млекарот јавноста го памети како водач на фармерите кои протестираа пред шест години кога шведската млекарница Сведмилк не им го исплати млекото. Тој беше најгласен меѓу фармерите, а го предводеше и таканаречениот погребален марш на македонското сточарство кога низ улиците наместо некролози беа залепени фотографии од Никола Груевски.
Кусо време подоцна беше поднесена кривична пријава против него, брат му и татко му дека на нивата во Битолско Поле одгледувале марихуана. Тројцата десетина дена поминаа во притвор, а во текот на судскиот процес беа ослободени зашто се докажа дека не се работело за марихуана, туку за див коноп кој е самоник низ Битолското Поле.