Македонија се вклучува во одбележувањето на еден век од основањето на славната школа за дизајн Баухаус, па денеска во Музејот на современа уметност во Скопје ќе се отвори изложба на фотографии на Жан Молитор.
Настанот е поддржан од Амбасадата на Сојузна Република Германија и од Гете институтот Скопје, при што македонската публика ќе има можност да види 50 фотографии на берлинскиот фотограф Жан Молитор, направени во Германија и низ светот.
„Фотографиите ја прикажуваат архитектурата на модерната од сите нејзини најразлични аспекти. Жан Молитор патува низ светот веќе десет години, поттикнат од визијата да создаде меѓународна фотоархива на градбите на модерната“, се вели во најавата на изложбата.
Преку проектот „bau1haus“, Молитор го документира меѓународното влијание на Баухаус врз развојот на модерната архитектура. Од 2009, тој патува низ светот во потрага по наследници на Баухаус, што го одвело до Казабланка, Штутгарт, Хавана, Санкт Петербург, Гватемала, Виена, Конго… Фотографот лично ќе го претстави својот проект во Скопје.