ЕДЕН ОД ДВАЈЦА ЗАБОЛЕНИ ОД ДИЈАБЕТЕС Е НЕДИЈАГНОСТИЦИРАН – ПРЕПОЗНАЈ ГИ ЗНАЦИТЕ, ЗАШТИТИ ГО СЕМЕЈСТВОТО

    ЕДЕН ОД ДВАЈЦА ЗАБОЛЕНИ ОД ДИЈАБЕТЕС Е НЕДИЈАГНОСТИЦИРАН – ПРЕПОЗНАЈ ГИ ЗНАЦИТЕ, ЗАШТИТИ ГО СЕМЕЈСТВОТОДенеска беше одбележан Светскиот ден на дијабетесот, во организација на Сојузот на здруженија на дијабетичари, со поддршка од Министерство за здравство, здруженија, институции и компании. Настанот се одржа во Деканатот на Медицинскиот факултет во присуство на голем број директори на здравствени установи, медицински лица и поддржувачи на заболените од дијабетес.

    Дијабетесот не е само инсулин и боцкање. Дијабетесот е главна причина за срцеви заболувања, инфаркти, слепило, откажување на работата на бубрезите и ампутација на долните екстремитети. Еден од двајца заболени од дијабетес е недијагностициран. Раната дијагностика и лекување се клучни моменти во спречувањето или одложувањето на животно-загрижувачките компликации. Ова се дел од заклучоците на денешното одбележување на Светскиот ден на дијабетесот, во организација на Сојузот на здруженија на дијабетичари, со поддршка од Министерство за здравство, здруженија, институции и компании. Настанот се одржа во Деканатот на Медицинскиот факултет во присуство на голем број директори на здравствени установи, медицински лица и поддржувачи на заболените од дијабетес.

    „Веќе немаме инсулинска криза, имаме и најнови генерации инсулин, имаме игли со различни димензии, кои, за жал, несоодветно се распределуваат низ инсулинските аптеки. Ова мора да го решиме. Воведовме нови ГЛП-1 агопнисти и ДПП-4 инхибитори. Очекуваме да се прошири листата на орални антидијабетици со нови терапии, како превенција од дијабетес. Добивме зголемен број инсулински пумпи, но немаме доволно обучен медицински кадар за истите пумпи да ги вградат на пациентите. Светските статистики велат дека еден од пет здравствени работници не се доедуцирани за дијабетес. Листата на пациенти што чекаат инсулински пумпи е огромна. И тоа не само деца, пумпи заслужуваат и малку повозрасните, како и оние што планираат да формираат семејства, а имаат потреба од инсулинска пумпа и сензори. Најголем проблем и понатаму ни остануваат глукометрите. Се обидовме заеднички да ги дефинираме стандардите и критериумите за глукометрите. Нема да се откажам од борбата додека не добијам глукометар што навистина ќе ги задоволува светските стандарди, кои се движат во правец на дигитална самоконтрола во домашни услови, преку која ќе им се олесни работата и на нашите доктори“, кажа Бојан Киров, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија.

    Плакета со благодарност за континуирана поддршка за лицата со дијабетес му беше доделена на министерот за здравство Венко Филипче.

    Тој рече дека Министерството за здравство е целосно посветено на обезбедување најквалитетен третман за сите пациенти со дијабетес мелитус и сите лица на инсулинска терапија се соодветно снабдени со инсулин, нагласувајќи дека грижата за лицата со дијабетес и обезбедувањето соодветна инсулинска терапија е врвен приоритет на Министерството за здравство.

    Меѓу присутните беа и претставници од Клиниките за Ендокринологија, Очни болести, Кардиологија, Нефрологија, како и претставници на повеќе агенции за лекови и медицински помагала.

    „За дијабетесот кажани се многу вистини, но крајниот заклучок е дека сите ние, целата заедница, треба да се ангажира и да делува превентивно од најрана возраст на нашите деца, преку различните начини на превенција, посебно во начинот на исхрана и во начинот на живеење, преку многу физички активности. Соработката на Фондот за здравствено осигурување и „МАЛМЕД“ и секако лекарите кои го поврзуваат овој синџир, може да ги даде посакуваните резултати“, изјави Висара Риза, директорка на Агенцијата за лекови и медицински помагала „МАЛМЕД“ и добитничка на специјална благодарница за поддршката и посветеноста во обидите за унапредување третманот на лицата со ова заболување.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира