Ниту по месец дена, Апелациониот суд Скопје и Врховен суд не донеле одлуки по предметот за обвинетиот поранешен претседател на Основен суд Скопје 1 Владимир Панчевски, па судењето во Основен суд Велес не се одржа. Судијката Габриела Гајдова информираше дека не добиле одлука на Апелација Скопје по жалбата на Панчевски. Тој се жалел на решението на Основен суд Велес кој ја отфрла неговата жалба овој суд да се прогласи за ненадлежен.
Немало ниту доставена одлука на Врховен суд по барањето на обвинетиот Панчевски за пренесување на месната надлежност на друго апелационо подрачје. Така судијката Гајдова објасни дека засега не може да се работи овој предмет. Ниту пак обвинетиот експретседател на Основен суд Скопје 1 се појави во судницата. Според информацијата на МВР која беше прочитана во судницата, во неколку наврати тој е баран на адресата која е доставена, а во моментите на проверка обвинетиот не бил најден дома. Од разговор со соседите полицијата дознала дека Панчевски живее на таа адреса и го користи живеалиштето.
Обвинителството го товари Панчевски за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластувања“. Обвинителството утврдило дека во периодот од 23 јануари 2013 година до 14 септември 2016 година, обвинетиот како службено лице – претседател на Основен суд Скопје 1 Скопје, со умисла извршил повеќе пречекорувања на службеното овластување. Обвинетиот како претседател на судот влијаел врз начинот на електронската распределба на предметите што доаѓале во судот на одлучување. Панчевски со ставање на писмен „параф“ од негова страна и со усно задолжување на вработени во судската писарница кои имале пристап во АКМИС системот, давал наредба да распределуваат конкретни предмети меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот, како и насока на кој судија да се распредели предметот.
П. ПЕЧКОВ