КУМАНОВО ЈА ДОБИ ПРВАТА ЖЕНА КОМАНДИР НА ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА ВО МАКЕДОНИЈА

    КУМАНОВО ЈА ДОБИ ПРВАТА ЖЕНА КОМАНДИР НА ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА ВО МАКЕДОНИЈАВукановиќ 16 години е во службата во СВР Куманово (Фото: СДК.МК)

    Зорица Вукановиќ (36) е прва жена која ќе раководи со полициска станица во државата. На предлог на министерот Спасовски, а со поддршка на Советот на Општина Куманово, таа е избрана за командир на Полициската станица од општа надлежност во Куманово.

    „СВР Куманово ги следи насоките и современите текови за родова еднаквост во МВР и токму затоа предложивме жена за командир на полициска станица за општа надлежност. Се работи за исклучително квалитетен, одговорен и совесен професионалец, која уште попосветено ќе работи на новото работно место“, изјави началникот на СВР Куманово Стојанче Величковиќ.

    До Советот од МВР беа доставени три предлози, двајца мажи и една жена. Советниците тврдеа дека сите кандидати се добри, но предност ѝ дадоа на полицајката.

    „Најголеми пофалби за нејзината професионална работа, нејзиниот потенцијал, непристрасноста во вршењето на службата и за нејзината чесност. Нејзината дистанца од партиски влијанија покажува дека сите граѓани ќе имаат еднаков третман и ќе се почитуваат нивните права и безбедност. Ова е историски момент за нашата земја“, рече на седницата советникот Миле Андоновски од Партијата на пензионерите, поранешен началник на СВР Куманово.

    Вукановиќ дипломирала криминалистика на Факултетот за безбедност во Скопје. Досега работела како инспектор по семејно насилство и малолетничка деликвенција, а кариерата ја градела 16 години на повеќе работни места во службата во СВР Куманово.

    Доаѓа на местото на Игор Митевски, кој е назначен за началник на Одделот за полиција при СВР Куманово.

    Советниците на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата додека се гласаше за изборот на новата командирка.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира