ГЛУТНИЦА КУЧИЊА НАПАДНА 10-ГОДИШНО ДЕТЕ ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ СКОПЈЕ, „ЛАЈКА“ ЏАБЕ ПОСТОИ, НИШТО НЕ ПРЕЗЕМА, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ

    ГЛУТНИЦА КУЧИЊА НАПАДНА 10-ГОДИШНО ДЕТЕ ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ СКОПЈЕ, „ЛАЈКА“ ЏАБЕ ПОСТОИ, НИШТО НЕ ПРЕЗЕМА, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕЖителите од улицата Христо Батанџиев велат дека со месеци немаат мир од глутницата улични кучиња и дека секој ден стравуваат да ги пуштат надвор децата. (Фото: СДК.МК)

    Глутница улични кучиња нападналa 10-годишно дете од скопската населба Ѓорче Петров. Детето со велосипед одело во училиште, по што кучињата почнале да трчаат и лаат по него. Детето паднало од точакот и, како што кажува неговата мајка, за среќа на улицата имало луѓе кои спречиле поголема несреќа.

    Жителите од улицата Христо Батанџиев велат дека со месеци немаат мир од глутницата улични кучиња и дека секој ден стравуваат да ги пуштат надвор децата. Велат, џабе постојано се жалат и бараат интервенција од „Лајка“. Кучињата кои биле донесени од друг град биле земени од „Лајка“, но откако биле чипирани пак биле вратени во нивното маало.

    „Ова се случува секој ден со некое дете. Не е нормално секој ден да живееме во страв, поради глутница кучиња да се плашиме да излеземе од дома. Ако не е ваша обврска да го решите проблемот, вашата институција не е потребна. Нема никаква корист од вас за граѓаните. Правите маркетинг, а реалниот проблем не го решавате“, се вели во пријавата испратена од родителите на нападнато дето до „Лајка“.

    Според програмата за работа на „Лајка“, уличните кучиња се заловуваат, стерилизираат и враќаат на истата локација. Директорот на „Лајка“ Воислав Димитровски ни изјави дека за конкретниот случај треба да провери за што станува збор.

    „Улични кучиња мораат да се вратат на истата локација, во спротивно ќе бидеме казнети од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Начинот на кој се третираат уличните кучиња е пропишан со Законот за благосостојба на животните кој го носи АХВ и таму треба да се обратите доколку сметате дека е несоодветен. Ние само гасиме пожар, не смееме ниту да разделиме глутница кучиња оти проблемот од едно место го префрламе на друго. Исто така, и граѓаните несоодветно постапуваат, едни ги хранат уличните кучиња, други реагираат на нив. Затоа, ние спроведуваме кампањи за едукација на граѓаните за да имаме совесно постапување“, вели Димитровски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира