Битолските бизнисмени се иссилија пред повеќе години и се наддаваа кој повеќе пари ќе даде за да купи земјиште на елитно место на Златен рид во касарната во Битола, што ќе може да се загради, да се постават камери, буржоазијата битолска каде што ќе седела, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски на денешната трибина на ЛДП во Битола, осврнувајќи се на периодот од 2010 кога се урбанизира Касарната.
Милевски во тој период беше советник од ЛДП во битолскиот Совет, а вели дека тоа што Деталниот урбанистички план (ДУП) бил изгласан едногласно од Советот се должело на манипулацијата дека таму ќе има паркови, саемски простор, градинки, училишта. Инаку, на ЛДП уште во 2009 кога самостојно излегле на локалните избори главна точки во програмата им била да го зачуваат просторот во Касарната, но добиле поддршка само од 2.800 битолчани.
„Во изминатите десет години видовме дека таму се расече цело зеленило, еден прекрасен стадион каде вежбаа генерации и генерации наши фудбалери се уништи, се уништи зеленилото и касарната стана големо градоградилиште со станбени објекти. Има повеќе објекти отколку што навистина Битола може да ја издржи таа градежна експанзија зашто луѓето постепено си заминуваат од градот“, рече Милевски.
Урбанизацијата на касарната почна во 2010, во времето на ВМРО-ДПМНЕ на чело со градоначалникот Владимир Талески. Таму се изградија згради, деловни комплекси, а сега и куќите одземаат дел по дел од зеленилото. Дел од зелениот појас беше исечен неплански, а пред неколку години Касарната беше и сврталиште на дрвокрадците.
Ж. ЗДРАВКОВСКА