Паркот Жена борец во Скопје вечерва беше осветлен во портокалово откако и Македонија ја поддржа светската кампања против насилството врз жени и девојчиња. Таа е покрената по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жени и ќе се одвива под слоганот „#НемаОправдување – заедно против насилството врз жени и девојчиња“.
Кампањата ќе трае 16 дена, до 10 декември – Денот на човекови права и ќе опфати низа активности. Во одбележувањето се приклучија и Владата, институциите и невладиниот сектор, со цел да се крене свеста на јавноста дека насилството врз жените во која било форма не е прифатливо и не треба да се премолчува.
„Во светски рамки, една од три жени е жртва на насилство. Тоа постои во најразлични форми, и психички и физички, што се случуваат секој ден. Цел на кампањата е да поттикне дискусија, споделување и активно вклучување во борбата против насилството врз жени и девојчиња“, се вели во најавата на кампањата.