Министерката за правда Рената Дескоска испрати циркуларно писмо до сите претседатели на судовите во кое ги потсетува дека нивна законска обврска е да ги пријават во Судскиот совет судиите кои без оправдани причини не закажуваат рочишта или на друг начин ја одолговлекуваат судската постапка со што настапува застареност на кривичното гонење или застареност на извршување на казната.
Дескоска, во писмото до претседателите на судовите и до претседателот на Судскиот совет, вели дека од април годинава стапија во сила измените на Законот за судовите, со кои целосно се уредени основите за нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Во таа смисла, вели Дескоска, основи за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција се предвидени случаите кога судијата:
„Без оправдани причини не ги закажува рочиштата во предметите кои му се доделени во работа или на друг начин ја одолговлекува судската постапка; не го земе предметот во работа заради што настапува застареност на кривичното гонење или застареност на извршување на кривичната санкција за кривичното дело“.
Таа потсетува на законската обврска од судскиот деловник на претседателите на судовите да вршат редовен надзор над навременото и уредно извршување на работите во судот најмалку двапати годишно, а вонредно по потреба и повторно се повикува на одредба од Законот за судови:
„Ако претседателот на судот не го извести Судскиот совет за сторената потешка дисциплинска повреда од членовите 75,76 и 77 од овој закон од страна на судијата во судот во кој е претседател, доколку настанувањето на повредата му било познато, а непријавувањето е заради прикривање на истата, е основ за поведување постапка за разрешување од функцијата претседател“.