Министерството за здравство прогласи крај на епидемијата на мали сипаници на територијата на целата земја, со што престануваат да важат дополнителните мерки за контрола.
Комисијата за заразни болести при Министерството донесе ваква одлука откако поминале 45 денови од последниот пријавен лабораториски случај на мали сипаници. Епидемијата беше прогласена во средина на април.
Таа притоа препорачува да се одржи висок опфат со МРП вакцина, со цел да се спречат идни епидемии.
„Бројката на регистрирани случаи на морбили во нашата држава од декември 2018 до крајот на минатата недела изнесува 1.901, со стапка на заболување од 91,9 на 100.000 жители. Според вакциналниот статус, вкупно 1.530 или 80,5 проценти од заболените деца биле невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Според податоците од Институтот за јавно здравје, во текот на епидемијата вакцинирани се 44.497 лица на возраст до 14 години, а се аплицирани и дополнителни 6.305 дози од вакцината кај лица над 14-годишна возраст“, соопшти Министерството за здравство, додавајќи дека појава на нова епидемија во наредниот период не е веројатна.