И ДА НЕМА ГЕО-ПАРК ОСТАНУВА ШВАЈЦАРСКИОТ ГРАНТ ОД 200.000 ФРАНЦИ ЗА ИСТОЧЕН ПЛАНСКИ РЕГИОН, ВЕЛАТ ОД ЦЕНТАРОТ ЗА РАЗВОЈ

    И ДА НЕМА ГЕО-ПАРК ОСТАНУВА ШВАЈЦАРСКИОТ ГРАНТ ОД 200.000 ФРАНЦИ ЗА ИСТОЧЕН ПЛАНСКИ РЕГИОН, ВЕЛАТ ОД ЦЕНТАРОТ ЗА РАЗВОЈГрадоначалниците на Кратово и Пробиштип се откажаа од веќе започнатите активности, под изговор дека реализацијата на проектот и заштитата од УНЕСКО ќе ги доведат во прашање идните геолошки истражувања, па рударството, кое значи животна егзистенција за овој регион, целосно ќе згасне; - Лесновскиот крај изобилува со остатоци од стара вулканска активност. (Фото: СДК.МК)

    Независно од тоа што ќе се случи со проектот Гео-парк, Македонија нема да остане без грантот од 200.000 франци што ги доделува Швајцарската агенција за развој и соработка, затоа што средствата се доделени исклучиво за проекти во Источен Плански Регион (ИПР), велат од Центарот за развој на ИПР. Во интерес на Злетовските рудници, Пробиштип и Кратово се откажаа од идејата за првиот Гео-парк во Македонија, кој требаше да биде под заштита на УНЕСКО, а ќе се простираше во околината на Лесновскиот манастир, кој и без тоа важи за непроценливо и заштитено историско и културно наследство на Балканот.

    „Ако пропадне овој проект, тогаш средствата ќе бидат пренаменети за други проекти што ги реализира Центарот за развој на ИПР и ние како држава воопшто не можеме да ги загубиме овие пари. Во тек на реализација се повеќе проекти, а во план се и други на кои моментно се работи и наскоро ќе бидат најавени како идејни проекти“, вели Андреа Златковска од Центарот за развој на ИПР.

    Градоначалниците на општините Пробиштип и Кратово се откажаа од веќе започнатите активности, под изговор дека реализацијата на проектот и заштитата од УНЕСКО ќе ги доведат во прашање идните геолошки истражувања, па рударството, кое значи животна егзистенција за овој регион, целосно ќе згасне.

    Златковска објаснува дека апликацијата до УНЕСКО во последен момент е стопирана и не е поднесена се додека Советот на ИПР не донесе конечна одлука.

    Претседателот на Советот на ИПР, Благој Бочварски смета дека за сите проекти кои ќе бидат заштитени од УНЕСКО се бараат елаборати и подетални информации и детали дали тие ќе имаат влијание на веќе постојните и идни стопански капацитети. Советот конечна одлука по ова прашање ќе донесе на првата наредна седница кога ќе бидат разгледани сите параметри околу спорните прашања.

    Откажувањето или одлуката за времено мирување на проектот Гео-парк минатата недела ја соопшти градоначалникот на Пробиштип Драган Анастасов ,кој потенцира дека преоктот е добар, но треба да се има предвид и фактот што поголем дел од граѓаните во овој регион егзистира од рудниците кои можат да опстанат само ако има нови истражувања, а тоа може да се коси со правилата на УНЕСКО.

    Поддршка и позитивно мислење за проектот Гео-парк имаше од сите засегнати страни кои во јануари оваа година во Штип потпишаа договор за реализација и соработка околу проектот и за аплицирање до УНЕСКО кое требаше да се поднесе до ноември годинава.

    „Ја поддржуваме оваа убава иницијатива затоа што се работи за квалитетни природни вредности. Гео-паркот ќе значи многу за развој на туризмот  во овој регион“, рече тогаш Марјана Шушлевска од Програмата за зачувување на природата.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира