ПРВИОТ ГЕО-ПАРК НЕМА ДА СЕ РЕАЛИЗИРА ПОРАДИ ЗЛЕТОВСКИТЕ РУДНИЦИ ИАКО ШВАЈЦАРИЈА ДАДЕ ГРАНТ ОД 200.000 ФРАНЦИ

    ПРВИОТ ГЕО-ПАРК НЕМА ДА СЕ РЕАЛИЗИРА ПОРАДИ ЗЛЕТОВСКИТЕ РУДНИЦИ ИАКО ШВАЈЦАРИЈА ДАДЕ ГРАНТ ОД 200.000 ФРАНЦИГрадоначалниците на Кратово и Пробиштип се откажаа од веќе започнатите активности, под изговор дека реализацијата на проектот и заштитата од УНЕСКО ќе ги доведат во прашање идните геолошки истражувања, па рударството, кое значи животна егзистенција за овој регион, целосно ќе згасне; - Лесновскиот крај изобилува со остатоци од стара вулканска активност. (Фото: СДК.МК)

    Во интерес на Злетовските рудници, Пробиштип и Кратово се откажаа од идејата за првиот Гео-парк во Македонија, кој требаше да биде под заштита на УНЕСКО. Почетната странска донација изнесуваше 200.000 швајцарски франци. Гео-паркот ќе се простираше во околината на Лесновскиот манастир, кој и без тоа важи за непроценливо и заштитено историско и културно наследство на Балканот.

    Градоначалниците на двете општини се откажаа од веќе започнатите активности, под изговор дека реализацијата на проектот и заштитата од УНЕСКО ќе ги доведат во прашање идните геолошки истражувања, па рударството, кое значи животна егзистенција за овој регион, целосно ќе згасне.

    „Гео-паркот и неговата заштита од УНЕСКО ќе ги доведат во прашање натамошните геолошки истражувања, а со тоа и векот на рудниците. Затоа ние малку со резерва влеговме во овој проект и времено го ставаме во мирување“, вели градоначалникот на Пробиштип Драган Анастасов.

    Гео-паркот требаше да се простира во околината на Лесновскиот манастир и требаше да биде под заштита на УНЕСКО.  (Фото: СДК.МК)

    Тој и градоначалникот на Кратово Љупчо Бојаџиев веќе ги известиле градоначалниците на останатите општини во Источен Плански Регион (ИПР).

    „На наредната средба на Советот на ИПР треба да ги дознаеме и утврдиме контурите на целата студија за Гео-паркот, за што претходно ќе бараме подетаљни информации. Ако рударските зони и капацитети не се засегнати со Гео-паркот, тогаш судбината на проектот ќе биде многу поинаква од сегашнот статус кво“, вели претседателот на Советот на ИПР, Благој Бочварски.

    Невладините организации и еколошките друштва од регионот засега остануваат неми на овие најнови одлуки на првите луѓе на општините, иако за првиот Гео-парк во државата Швајцарската агенција за развој и соработка обезбеди грант од 200.000 франци. Проектот беше поддржан од засегнатите општини, кои на 23 јануари оваа година потпишаа договор за апликација заедно со Источен Плански Регион и Програмата за зачувување на природата во Македонија.

    Неколку месеци пред тоа, градоначалниците на Пробиштип и Кратово и останатите потписници ја одржаа првата работилница и изјавија дека ова е голем чекор напред, затоа што Гео-паркот Лесново ќе придонесе за развој на туризмот во регионот. Гео-паркот го поддржаа и рударско-геолошките експерти, кои рекоа дека лесновскиот крај изобилува со остатоци од стара вулканска активност.

    Центарот за развој на Источен Плански Регион, кој го координира проектот, времено го става во мирување аплицирањето во УНЕСКО и како што информира, ќе почека какви ќе бидат конечните одлуки на Советот на ИПР. Според зацртаната динамика на проектната програма, до ноември требаше да се поднесе апликацијата за номинација во УНЕСКО, а прогласувањето на Гео-паркот и ставањето во мапата на заштитено културно наследство требаше да следува наредната година.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира