ЕКСПЕРТСКА ХАВАРИЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:138:"Горбачовбилотсекогашпросрпскиориентиран.ЗатоагоурнаБерлинскиотѕид

    1. Апсолутно сум против формирање на експертска комисија што би ги испитувала околностите на уривањето на косиот мост во РЕК Битола. По опстој­ните расправии во Собранието, дефинитивно е јасно дека пратениците се експерти, па би можеле сите подеднакво да извршат експертиза на случајот.
    Најдобро е уште еднаш да се проба да се запали бесконечната лента. И на палењето да присуствуваат пратениците и членовите на Владата во целосен состав. Во времето кога Јован Андонов бил принуден управник на РЕК, ја разубавувал работната средина на тој начин што по тревнатите површини шетале пауни. Сега ќе шетаат пратениците-експерти.
    Бидејќи, како што реков, мостот прв пат падна на Петровден, а го предадоа во употреба на Илинден, најдобро е за експертско уривање да се избере Крстовден, некаде идната недела. Сценариото за хаварија веќе е подготвено. Само се чека пратениците да допатуваат во Битола и да се распоредат лево и десно од бесконеч­ната лента. Потоа, во свечена атмосфера, пред нив ќе се појави министерот Љубо­мир Фрчковски, со засилена полициска придружба и со самоуверено држење на најсуров и најшармантен државен терорист, ќе се искачи кон средината на мостот, од појасот ќе извади запалка за цигари и ќе ја потпали јагленовата прашина. Потоа сите нестрпливо ќе чекаат. Дали ќе падне мостот или ќе падне Фрчко? Без разлика, важно е нешто да падне. За да не падне Владата. Потоа оние пратеници кои нема да ги удри некое железо по глава, ќе се развијат во стрелци и ќе почнат експертски да буричкаат по остатоците од пожарот.
    Потоа на сцена стапува институцијата наречена Реган. И – дава наредба да се започне со изградба на трет кос мост. И веднаш се пријавува кај Рипли за “верувале или не”. Затоа што наместо за осумнаесет дена, колку што требаше да се направи вториот кос мост, сега ќе се изгради за 15 дена. И така натаму, и така натаму. Таму некаде, по осмото палење, здружената македонска индустрија ќе го направи мостот само за еден ден.
    Само, што ќе прави сиромашкиот Фрчко? Ќе се отепа од паѓање. Башка што во меѓувреме има и друга работа, не само да пали и гаси. На пример, да раси­­пува сопирачки на мерцедесите.

    2. За разлика од нашите мерцедеси, оние на српските и црногорските пријате­ли имаат исправни сопирачки. Па на кусо успеваат да запрат во Скопје. На пропа­тување од Грција. Или за Грција. Во многу кус временски период ни дојдоа и премиерот на српската влада Никола Шаиновиќ и премиерот на црногорската влада Мило Ѓукановиќ.
    Особено беше интересно соопштението од средбата на македонскиот премиер Бранко Црвенковски со Ѓукановиќ. Во него се вели дека биле “изнесени обострани оценки за мошне тешките последици што ги трпат стопанставата на двете земји поради војната на просторот на бивша Југославија. Тргнувајќи од тоа, претседателите Ѓукановиќ и Црвенковски го подвлекоа значењето на активнос­тите и напорите што се прават во Црна Гора и Македонија за стабилизирање на вкупните состојби и за обезбедување на мирот и изразија надеж за поскоро надми­ну­вање на проблемите, со цел за нормализирање на животот во стопанството и во другите сфери.”
    Да не беа споменати имињата на соговорниците, ќе помислев дека се сретнале премиерите на Македонија и, на пример, на Словенија. Од соопштението излезе дека Црна Гора е жртва на војната. И сега уште треба да ја жалиме земјата што цела меѓународна заедница ја осуди како агресор и ја казнува со санкции поради тоа. Баш ме интересира дали во “оценките за мошне тешките последици од војна­та” било споменато херојското бомбардирање на Дубровник? И јуначкото “чисте­ње” на викендичките околу Цавтат од сé што наликува на бела техника и друга опре­­ма за домаќинство. Којзнае, можеби и “напорите што се прават за стабили­зира­ње на вкупните состојби” одат во правец на порационално користење на крави­те што црногорските резервисти своевремено ги “ослободија” од херцеговските села.

    3. Малку е чудно како сега одеднаш за Горбачов, за кого во овдешните медиуми никогаш не беше напишан ниту еден лош збор, сега може да се зборува толку грдо. Па добро, отишол човекот во Грција, таму постои дипломатски протокол според кој гостите мораат да кажат нешто лошо за Македонија. Па така Горбачов рекол дека “македонското прашање не постои” и дека “Маке­донија е Титова провокација”. Потоа прошетал малку по грчките острови и за подарок ја добил златната ѕвезда од Вергина. Ништо необично.
    Освен тоа, отсекогаш сум мислел дека Горбачов е просрпски ориентиран. Затоа го урна Берлинскиот ѕид.

    4. Кога сме веќе кај Грција, сé ми се чини дека спорот со нив повеќе ќе се услож­нува. Досега проблем беше името и знамето. Ама, по изјавата на пензиони­раниот генерал Грилакис се појавува уште едно отворено прашање. Замислете, човекот рекол дека Мицотакис е најмудриот политичар на Балканот!

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира