Златните глобуси навестија дека нема да има јасен фаворит на претстојните Оскари, откако филмовите со најмногу номинации не освоија речиси ништо.
На крајот, по малку изненадувачки победник излезе „Беше еднаш во Холивуд“, кој се закити со три статуетки, при што беше прогласен и за најдобра комедија/мјузикл. Исто така, режисерот Квентин Тарантино го освои својот трет Златен глобус за најдобро сценарио, а Бред Пит славеше во категоријата машка споредна улога.
„Брачна приказна“ и „Ирецот“, двата големи хита на „Нетфликс“, дојдоа на доделувањето со шест, односно пет номинации, но причина за радост имаше само Лора Дерн, која доби Златен глобус за најдобра споредна женска улога.
„1917“, приказна од Првата светска војна снимена во само еден кадар, е прогласен за најдобра драма, а неговиот автор Сем Мендес за најдобар режисер.
Хоакин Феникс („Џокер“) и Рене Зелвегер („Џуди“) се најдобри актери во драма, а Тарон Еџертон („Рокетмен“) и Оквафина („Збогување“) во комедија/мјузикл, додека најдобар странски филм e јужнокорејскиот „Паразит“, кој лани победи во Кан.