Денеска во Штип почна со работа новоформираната пајак служба, која ќе ги санкционира сопствениците на непрописно паркирани возила во градот.
„Секое отстрането возило што непрописно се паркирало ќе биде однесено во пунктот на пајак службата во населбата Сењак, кај таканарешниот стар диспанзер, а казната ќе изнесува 2.000 денари. Толку ќе изнесува глобата и за оние возила кои се паркирани на зелени површини, во паркови и слично. Илјада денари ќе се наплаќа за возилата кои ќе бидат подигнати од пајак возило, а нивните сопственици на самото место ќе побараат прекин на постапката“, вели Саше Протогеров, директор на ЈП „Стипион“, во чии рамки работи пајак службата.
Пајак службата и правилникот на цените веќе се одобрени од Советот на Општина Штип и таа засега ќе функционира со едно возило добиено како донација од Град Скопје и со двајца вработени обучени за тоа.
Во Штип остануваат ланските такси за паркирање. Цената за еден час изнесува 20 денари, а за секој нареден час се доплаќа по 15 денари. За сопствениците на моторните возила кои не купиле билет за паркирање или не извршиле електронска наплата со СМС-порака, која чини пет денари, казната за отстранување на блокаторот изнесува 700 денари.
Од ЈП „Стипион“ најавуваат дека над коритото на реката Отиња кај Здравствениот дом е планирана изградба на нова платформа за паркирање на 45 возила. Инвестицијата од 18 милиони денари е обезбедена од Бирото за рамномерен регионален развој.
Т. ЈОВАНОВСКИ