1. Кога во средата вечер, среде емитувањето на централниот дневник на Македонската телевизија, во студиото влета Бане Димоски, си помислив: “Ова мора Грција да нé признала, и тоа под уставното име”. Арно ама, тој само го доведе министерот за внатрешни работи Љубомир Фрчковски, онака најредовно да нé информира за рутинската акција на неговото министерство за откривање на обидот за формирање паравојска. Акцијата беше толку рутинска и вообичаена, што ако ден пред тоа Слободан Милошевиќ не се пофалеше пред грчкиот гостин Каролос Папуљас дека знае за намерата на некои албански сецесионисти да ја поделат Македонија, нашите немаше ни да ни кажат кого апселе претходните денови. Таман работа, полицијата да нé известува за секоја нивна активност во која апси помошници министри! И тоа за одбрана!
И така, министерот дејствуваше смирувачки на јавноста, демантирајќи дека кај уапсените се најдени списоци за регрутација на 20 илјади лица. Добро информираните новинари од полицијата велат дека биле 21630. Уште велат дека биле организирани за еден час да ја ликвидираат 14-тата бригада на АРМ, задолжена за одбрана на северозападната граница кај Тетово. Веројатно со 32 пушки!
Ситуацијата е сосема редовна, штом министерот за одбрана, заедно со неговиот заменик не најдоа за потребно да се вратат од Турција, иако им го уапсија помошникот. И министерот за здравство, чијшто заменик со обелоденувањето на аферата одеднаш го снема, си беше во Лондон. Па и претседателот на Републиката и премиерот си вршат редовни обиколки на градовите и фабриките низ државата. Важно Фрчковски е на вистинското место и си ја врши редовната работа, во која, ете, одвреме-навреме ќе уапси некој помошник-министер кој, ако се суди според соопштението на неговата партија ПДП, организирал селски стражи за лична заштита.
Интересно, за прв пат една акција на Фрчковски наидува на општо одобрување од сите политички структури во Македонија. Тоа ќе биде доволен повод групата “Ристо бомбата и кучешка тенија” во знак на благодарност кон министерот, кој ја лансира досега најголемата политичка бомба во државата, да го изведе својот хит во нова верзија. Стиховите би оделе вака: “Фрчко бомбата (ова се чита со источномакедонски акцент) / ти си тата мата / Фрчко бомбата/ ги направи салата…
2. Кога завчера министерот за одбрана Владо Поповски слета на скопскиот аеродром и кога го прашаа што се случува со неговиот помошник-министер, тој изгледаше како да не дошол со нормален авион, туку како штотуку да се приземјил со “Спејс Шатл” од некоја вселенска истражувачка мисија. Изгледа беше уште под влијание на тоа што го видел во турската фабрика за воена електроника. Низ Скопје веднаш се пронесе веста дека како противудар на 32-те пушки, Македонија ќе купувала “фантоми”. И тоа десет. Бидејќи неодамна во скопската населба Влае полицијата откри дури пет фантоми што напаѓале осамени жени, останува да се докупат уште пет.
Само, проблем е што и нас нé фаќа ембаргото за извоз на оружје во сите републики на бивша Југославија. Затоа сега смисливме оригинален план. Прво, министерот за одбрана патува во Турција да договори колку оружје и од каков тип оваа земја ќе ѝ продаде или подари на Албанија. Потоа помошникот-министер за одбрана го шверцува оружјето од Албанија во Македонија. Потоа настапува министерот за внатрешни работи и го запленува шверцуваното оружје.
Планот е генијален, без разлика што не го смислиле во Владата, туку сега по читањето на “Сакам да кажам” ќе почнат да го разработуваат. Прво, ниту ние ниту Турција го крши ембаргото, затоа што се работи за шверцувано оружје. Второ, непречено и континуирано се наоружуваме, зашто вакви акции на ловење шверцери на оружје има речиси секој ден. И трето и најважно – не плаќаме ни денар за наоружување, затоа што сé е легално запленето.
3. Што се однесува до албанскиот конзулат во Скопје, Македонија веќе има два официјални јазика, штом тие така упорно за комуникација се служат исклучиво со албанскиот јазик. Обично другите дипломатски претставништва во Македонија кога ни испраќаат соопштенија за јавноста, тоа го прават на македонски јазик и евентуално на јазикот на нивната држава. Албанскиот конзулат завчера два пати ни испрати соопштенија само на нивниот јазик. А и таблата пред нивната зграда, сосема невообичаено за било кое дипломатско претставништво во светот, е испишана само на албански јазик. Колку што сум информиран, мислам дека сé уште во Уставот стои дека во официјална употреба во Република Македонија е македонскиот јазик и кирилското писмо.
4. Воениот злосторник и големиот мировник од БиХ Радован Караџиќ пријателски ни советува да не се караме со Албанците и да не лееме крв како неговите во Босна, туку мирно да си се разграничиме. Пред неколку години планот за БиХ го сковаа Милошевиќ и Туѓман. Како би ви изгледала средба Милошевиќ – Бериша!?