ДИГИТАЛНИОТ АРХИВ БУЖАРОВСКИ СЛАВИ 20 ГОДИНИ СО ДОКУМЕНТАРЕЦ ЗА ДОАЈЕНОТ НА НАРОДНАТА МУЗИКА БЛАГОЈА ДЕСКОСКИ

    ДИГИТАЛНИОТ АРХИВ БУЖАРОВСКИ СЛАВИ 20 ГОДИНИ СО ДОКУМЕНТАРЕЦ ЗА ДОАЈЕНОТ НА НАРОДНАТА МУЗИКА БЛАГОЈА ДЕСКОСКИДокументарното видео за Дескоски е дел од проектот за реконструкција на настаните од втората половина на минатиот век и посебно за делувањето на Малиот народен оркестар при Радио Скопје. (Фото: БузАр)

    Денес во 12 часот, во Малата концертна сала на Факултетот за музичка уметност во Скопје ќе почне одбележувањето на 20-годишнината на архивот „БузАр 2000–2020“ (Архив Бужаровски). На настанот премиерно ќе се прикаже документарното видео за доајенот на македонската народна музика, виолинистот, аранжер и композитор Благоја Дескоски.

    Архивот БузАр претставува еден од најголемите дигитални архиви за македонското и балканското звучно културно наследство. Во него во моментов се дигитализирани 14 големи колекции со македонски и балкански музички фолклор, неколку илјади песни и игри, мелограми, приказни, обичаи и дијалекти, аудиоснимки од 110 концерти од кои 5 концерти се заокружени и како видеопрограми, поголем број видеоспотови со дела од сериозната музика, Јени Јол видео, 170 кратки филмови од ИРАМ-овата хроника, 14 документарни видеа за истакнати дејци од македонската музичка култура и документарно видео за програмата Темпус во Македонија, 119 програми на Студентското интернет радио.

    Најновото документарно видео за Дескоски е дел од проектот за реконструкција на настаните од втората половина на минатиот век и посебно за делувањето на Малиот народен оркестар при Радио Скопје.

    „Овој оркестар, чиј нераздвоен дел е Благоја Дескоски, има одиграно клучна улога во обликувањето на македонската народна и традиционална музика. Покрај проф. д-р Димитрије Бужаровски во изработката на ова видео учествуваше и вонр. проф. д-р Трена Јорданоска. Сите проекти се работени на БузаАр без каква било финансиска поддршка, туку со помош на студенти и професори од ФМУ“,  велат од Музичката академија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира