Петчлениот кривичен совет на Врховниот суд денеска заседаваше по жалбата на осудената ексминистерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за злоупотребите при набавката на луксузниот мерцедес за Никола Груевски со наместен тендер, од парите на полицијата.
Жалбата Јанкулоска ја поднесе уште лани, окако Апелациониот суд Скопје ѝ ја намали затворската казна на 4 години, со што пресудата стана правосилна. Јанкулоска до Врховниот суд поднесе барање за вонредно преиспитување на пресудата против неа и со тоа доби одлагање да оди на отслужување на затворската казна.
„На денешната седница судијата-известител го реферираше предметот. Беа изнесени сите забелешки на осудената, кои таа ги навела како основ за преиспитување на целата пресуда против неа. Во наредниот период петчлениот совет ќе донесе одлука во врска со барањето на странката“, изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Врховниот суд.
Во одделен предмет, „Тенк 2“, до Врховниот суд се жалат и другите двајца осудени Никола Груевски кој е избеган во Унгарија и Ѓоко Поповски од МВР, кој е во затвор, но таа седница на кривичниот совет во Врховниот суд допрва треба да се случи. Барањето за вонредно преиспитување на пресудата, Груевски ја поднесе од бегство, преку адвокатите.
С. К. ДЕЛЕВСКА