1. На кантар студен, со туч го мерат. Но, може ли да ја измерат досетливоста на нашите пратеници, кои од ден на ден нé изненадуваат со сé понови фори и фазони. Ете, сега пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ни соопшти дека привремено се дистанцира од седницата на Собранието заради солидарност со тутунопроизводителите кои бараат повисока откупна цена.
И така, откако Ленка ја остави кошулата недовезена и отиде тутун да реди в монопол, а коалицијата кворумот го бркаше низ новогодишните тезги низ скопските улици, се ставив во чудо, на кој начин ќе се манифестира пратеничката солидарност. Јали кошулата ќе ја довезат, јали цената на тутунот ќе ја креваат, јали ќе продолжат да си р’гаат и за себе маки тргаат?
Меѓутоа, политички гледано, овој потег на ВМРО-ДПМНЕ може да се поврзе со нивната континуирана заложба за национално помирување. Особено што симбол за помирување е лулето. А луле без тутун – не оди. И сега вака – во знак на солидарност – пратениците ќе си ги поделат улогите: едни ќе го садат, други ќе го вадат, трети ќе го берат, некои ќе го нижат, па ќе коваат шајки за сушење, па ќе го сецкаат, па ќе го мерат, па ќе го носат во Монопол, па ќе бараат повисока цена… Што ќе продадат, ќе продадат. Она што ќе остане, ќе мора да се испуши. Без разлика на верска, национална, партиска и полова припадност – ќе пушиме сите. Пушење за национално помирување.
2. Кога државата ќе се сведе на парче хартија, недостигаат уште Слободан Милошевиќ и Фрањо Туџман. Како замислени си седат на маса и цртаат граници. Ги видовте ли на телевизија, со каква леснотија ја студираат картата на Босна и Херцеговина?
Како деца честопати игравме една игра што се викаше “Мое царство”. На некое неозеленето парче земја ќе нацртавме круг и ќе го поделевме на неколку дела. Секој дел – мое царство. Потоа од високо фрлавме ноже. На местото на коешто ќе се збрцаше ножето и ќе оставеше траг на земјата, се повлекуваше линија и се откинуваше дел од територијата на туѓото царство. Победуваа тие што ќе го освоеја целиот круг. Со ножето.
Како што ги гледав Милошевиќ и Туѓман на “преговорите” во Женева, секој момент очекував некој од нив да извади ноже, да го збрца во картата на Босна и да извика: “Мое царство!”. Ама, тие се фини господа. Не си ги валкаат рацете. Не – со земја.
3. Како резултат од проширувањето на царството, Милошевиќ повторно доби најмногу пратенички места во српскиот парламент. Човек да се запраша, зошто луѓето воопшто организираа избори? Освен ако тоа не беше добра прилика опозиционите партии да им поделат бесплатно леб на припадниците на небескиот народ, кој трпеливо чекаше во редици среде Белград.
Завчера, на прес-конференција во Скопје, британскиот државен министер во Форин офисот Даглас Фог го скицираше сценариото за укинување на санкциите против Србија и Црна Гора. Прво треба да заврши војната во Босна и Херцеговина и таму да се постигне правичен договор меѓу трите завојувани страни. Потоа треба да се најде решение за УНПА-зоните во Краина, во Хрватска. А потоа санкциите можеби ќе бидат олабавени, ама нема да има вистинска интеграција на Србија во меѓународната заедница, додека не се пронајде решение за Косово и Војводина.
Значи, ќе има шанси за уште многу дарувања на бесплатен леб. Ќе има уште избори на кои жителите на небеското царство ќе го даваат својот глас за Милошевиќ.
4. Европа ги подигна своите односи со Македонија, па дури по неа и Бугарија истрча да отвори амбасада во Скопје. Иако нивните претставници не пропуштаат прилика да кажат дека Бугарија е првата земја што ја призна независноста на нашата држава.
Да не ме разберат погрешно. Не е дека не правам разлика во однесувањето на Бугарија и Албанија кон нас, во однос на однесувањето на Србија и Грција. Ама, некако ми пречи дека за, разлика од воспоставувањето дипломатски односи со европските земји, новинарите не можеа да земат изјави од нивните дипломати заради “тајноста” во Министерството за односи со странство. Кога се случи истото со Бугарија, на телевизијата се појави бугарскиот конзул, со една изјава од типот: “Ние први ве признавме и настојувавме Македонија да ја вклучиме во европските интеграции”. Бугарија – една ептен европски интегрирана земја! Па уште зборуваше за доследност на бугарската политика. А долго време не сакаа да отворат конзулат, а не пак амбасада, со уцените за промена на делот од Уставот во кој се споменува македонското национално малцинство во соседните земји. За негирањето на нацијата и да не зборуваме. Тука се навистина доследни.
5. На турнирот во мал фудбал на “Вечер” учествуваше и екипата “Демократска партија”. Беше елиминирана уште по првиот натпревар. Вчера требаше да игра подмладокот – “Демократска младина”. Не знам како завршил натпреварот. Ама ако загубиле и тие, Петар Гошев треба да се замисли. Почна да губи на сите терени.