Британската амбасадорка во Скопје Рејчел Галовеј уверува дека Велика Британија ќе остане силен поддржувач на Северна Македонија и односите меѓу двете земји ќе продолжат да се развиваат, во нејзиното обраќање по повод Брегзит
„Денес е денот кога Велика Британија ја напушта Европската унија. Важно е да се каже дека Велика Британија ја напушта ЕУ, а не Европа“, го почна обраќањето на македонски јазик Галовеј.
Таа потсети дека Велика Британија е број еден странски директен инвеститор и број 2 трговски партнер на Северна Македонија.
„Можам да ве уверам дека ние остануваме силен поддржувач на Северна Македонија и нашите односи ќе продолжат да се развиваат во иднина. Велика Британија е број 1 директен странски инвеститор во земјата и број 2 трговски партнер. Ја зголемивме нашата програма за поддршка, а исто така нашата поддршка за евроатлантските интеграции на земјата ќе продолжат. Како моја лична обврска, јас ќе продолжам да работам на зајакнување на односите меѓу двете држави како и на подобрување на мојот македонски јазик. Со нетрпение го очекувам ова ново поглавје во нашите односи“, рече Галовеј.
Велика Британија ќе ја напушти ЕУ вечерва на полноќ.