Техничкиот премиер Оливер Спасовски за доцна вечерва закажал седница на Влада, за министрите да го одобрат Законот за јавно обвинителство, откако лидерот на СДСМ Зоран Заев и министерката за правда Рената Дескоска обезбедиле најмалку 80 пратеници за да се гласа.
Додека од СДСМ сѐ уште тврдат дека уште ништо не е стопроцентно сигурно, извори од владејачката коалиција за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека и пратеници од нивните редови кои се на гости во странство се повикани да се вратат, зашто итно ќе биде закажана собраниска седница за носење на законот. Тој беше и остана докрај услов за добивање датум за почеток на преговори на нашата држава со ЕУ.
Во разговорот со пратеници од различни партии, пак, се тврди дека има и такви од ВМРО-ДПМНЕ, чии лидери се противат на носење на овој закон, кои сметале дека ако навистина е обезбедено двотретинското мнозинство, исто им се фаќа дали ќе гласаат или не, па за имиџ, можно е и некои од нив да стиснат зелено копче.
Парламентот се распушта во среда, се оди на тоа законот уште утре да биде ставен на гласање.
С. К. ДЕЛЕВСКА