Aлтернативните горива се горива или извори на енергија кои можат да послужат барем како делумна замена за фосилните горива кои се користат за транспорт.
Според Европската комисија, во алтернативни горива влегуваат струја, водород, био-горива, синтетички и парафински горива, природен гас (вклучително и биометан), компресиран природен гас (ЦНГ), течен природен гас (ЛНГ) и течен нафтен гас (ЛПГ). Во некои случаи, ЦНГ, ЛНГ и ЛПГ можат да бидат стопроцентно од фосилно потекло.
Транспортот во Европа е високо зависен од фосилни горива, кои во најголем дел се увезуваат. Една од главните цели на ЕУ е диверзификација на транспортот во однос на изворите на енергија.
Стратегијата „Транспорт 2050“ на Европската комисија има за цел да ја намали зависноста на секторот транспорт од нафта и истовремено да ја намали емисијата на стакленички гасови за 60 проценти до 2050 година. Ова треба да се постигне со разни мерки, како воведување зони ослободени од јаглероден диоксид во поголеми градови, намалување на употребата на конвенционални автомобили во урбаниот транспорт за половина до 2030 и нивно постепено исфрлување или намалување од градовите до 2050 година. Овие цели не можат да се постигнат со конвенционалните горива и затоа е потребно да се зголеми користењето на алтернативните.
Тие, според извештајот на Европската комисија, можат значително да помогнат во справувањето со проблемот на аерозагадувањето во градовите, кое во голем процент е предизвикано од транспортот. Сепак, ЕК не ги смета алтернативните горива за замена за фосилните, туку тие треба да бидат еден сегмент за побрзо намалување на емисијата на јаглероден диоксид од транспортот.