ЗАЛОВЕНА ВТОРА ЖЕНКА БАЛКАНСКИ РИС ЧИЕ ДВИЖЕЊЕ ОТСЕГА ЌЕ СЕ СЛЕДИ СО ГПС

    ЗАЛОВЕНА ВТОРА ЖЕНКА БАЛКАНСКИ РИС ЧИЕ ДВИЖЕЊЕ ОТСЕГА ЌЕ СЕ СЛЕДИ СО ГПСЗаловената рисица го доби името Нарциса (Фото: Македонско еколошко друштво)

    Tимот на Македонското еколошко друштво (МЕД) кој работи на зачувувањето на балканскиот рис со помош на кафез-замка залови нова единка од ова ретко животно. Според екологистите, се работи за здрава женка, веројатно на возраст од 2-3 години, тешка 15 килограми, која е заловена на 12 февруари во месноста Буковиќ, близу преминот Стража.

    „По Маја, што ја следевме во 2017 и 2018 година, ова е втора рисица која ќе носи околувратник и ќе биде следена со методот на радиотелеметрија и ГПС. Со ова го збогатуваме нашето знаење за распространувањето на рисот и за неговите потреби од храна и живеалиште. Рисицата беше снимена лани на истиот локалитет со помош на фотозамки. Таа засега е во добра состојба, а тоа го потврдуваат и првите податоци добиени од ГПС-сигнал, кои ни го открија и нејзиниот прв плен по обележувањето, срндак уловен пред 4–5 дена“, изјави Диме Меловски од Македонското еколошко друштво.

    По фаќањето на рисицата во кафез-замката биле преземени стандардни процедури и мерења за утврдување на нејзината здравствена состојба. За време на постапката присуствувале претставник од Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје и ловџии од ловното друштво „Сокол-З“ од Зајас. Рисицата потоа е пуштена на слобода.

    Честа да ја именуваат рисицата им припаднала на членовите на „Сокол-З“, кои одлучиле да ја крстат Нарциса.

    Од 2010 година, МЕД има заловено и ставено уреди за следење на осум единки рис, стекнувајќи се со вредни податоци за однесувањето на ова таинствено животно. Се проценува дека на Балканот има уште 40 возрасни единки од балкански рис.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира