Заводот за рехабилитација на деца и младинци со умерена и тешка попреченост во Чаир доби опрема за логопедскиот кабинет преку донација од Амбасадата на Германија во земјава. Амбасадата ги додели собраните средства од Божиќниот базар. Вредноста на донацијата е 339.639 денари, а опремата се состои од работна маса со огледало, логофон/вибрафон со логопедски сонди и разни дидактички материјали.
„Традиционално, на крајот од секоја година организираме Божиќен базар во дворот на амбасадата. Се продаваат различни производи, и од тие средства помагаме на луѓе кои имаат потреба. Знаеме дека ова е мала поддршка, малку допринесовме, но секако знаеме дека положбата и ситуацијата на лицата со посебни потреби во Северна Македонија е малку потешка и се надеваме дека со овој наш мал придонес направивме едно големо дело“, изјави германскиот амбасадор Томас Герберих.
Директорот на Заводот Фатмир Ејупи рече дека досега немале логопедски кабинет иако, како што вели, им е најнеопходен, дека апаратите ќе ги користат сите штитеници, како и дека ќе направат напори да може слободно да ги користат и оние кои не се згрижени таму.
„Во дневен престој имаме 42 штитеници, а во однос на 24-часовно згрижување 27 лица. Возраста е различна, треба да згрижуваме до 26 години, но имаме и повозрасни поради општите услови во државата“, кажа директорот Ејупи.
Б. НЕСТОРОСКА