1. Грците и Србите толку се добри и блиски пријатели, така што повеќе не може да се прави разлика меѓу нив. Гледајќи ја атмосферата на вчерашниот митинг во Солун, сликите се враќаат неколку години наназад, во 1989-та, на сесрпскиот митинг на Газиместан. Тогаш главниот говорник, српскиот претседател Слободан Милошевиќ, на светот му ги најави своите освојувачки походи, извикувајќи пред милионската маѓепсана маса дека сите битки се дозволени, па дури и оние вооружените.
Пет години подоцна, во слична карневалска атмосфера, пред милиони маѓепсани Грци, градоначалникот на Солун Константин Космопулос порачува дека претстои борба за иднината и мирот и се заканува дека “доколку сакаат да си играат со сила, сите сме тука и ние сме сила”.
Милошевиќ на Газиместан ѝ држеше проповед на Европа, дека таа е неблагодарна затоа што не го цени тоа што Србите со битката на Косово ја спасиле западната цивилизација од продорот на исламот. Космопулос пак ги прашува своите партнери од Европската унија како се осмелуваат да бараат нешто од нив, кога тие им ја подариле цивилизацијата.
И во времето на Газиместан и завчера во Солун не работеа фабриките, училиштата и продавниците. Јавниот превоз ги превезувал митингашите без пари. Педесет градови биле целосно замрени бидејќи нивните жители биле на митинг во Солун. Екстремни групи викале: “На оружје, на оружје – сé до Скопје!” и барале заедничка граница со Србија. Местото каде што двете војски би се сретнале ќе го наречат “Солунместан”.
2. Папандреу и покрај заканите дека Европската комисија ќе ја даде неговата земја на суд, поради спроведувањето на ембаргото кон Македонија, нема намера да попушти. Грција е подготвена да се појави на обвинителна клупа. За судењето веќе се ангажирани двајца адвокати од Њујорк. Сајрус Венс и Метју Нимиц.
Во биографијата на пратеникот на американскиот претседател стои дека неговата 16-годишна ќерка се вика Александра. Се очекува официјална Атина да побара од Миниц да ѝ го смени името на ќерката, бидејќи тоа име им припаѓа само на Грците. Ние како по обичај мудро ќе си молчиме.
3. Српскиот печат повторно нé жали. Овој пат затоа што Турција решила да ни даде пари да ја изградиме пругата до Бугарија. “Вечерње новости” откриваат дека со таа пруга ќе изгубила најмногу Македонија. И целиот проект го гледа од воено безбедносен аспект. Демек, турската војска со пругата ќе можела да се приближи до Косово.
Не мислат белким Србите дека Турците ако сакаат да се префрлуваат повторно да ги напаѓаат, ќе користат воз, и тоа по сé изгледа многу спор, бидејќи за брзи пруги нема пари. Или пак мислат дека ова е уште времето на Газиместан, па аскерот ќе дојде на коњица. А пругата ќе треба само да им го покажува правецот.
Ние сериозно се зафативме со проектот. Властите ветуваат дека ќе ја изградат пругата за година дена. Почнаа да се појавуваат идеи и за доброволна работа на трасата. Сите по еден праг и копач во рака и – ќе ги стресеме и Србите и Грците. “Ние ја градиме пругата, пругата нé гради нас!”
Меѓутоа, како што ја градиме Караѓорѓева улица во Скопје (едно петстотини метри што треба да ја поврзат населбата Аеродром со Центарот) цели две години, не верувам дека Србите ќе имаат прилика за една година да одиграат реванш-натпревар со Турците на Газиместан на коридорот Исток – Запад.
4. До тогаш и ние ќе ја оспособиме нашата армија. Џон Шаликашвили му ветил на министерот Владо Поповски дека Американците ќе ни помогнат да ги устроиме нашите вооружени сили според стандардите на НАТО.
За да биде министерот уште поубедлив во прикажувањето на степенот на опременост на АРМ, Шаликашвили имаше чест прв да ја види современата комитска униформа на нашите момци.
Од строго доверливи разузнавачки извори дознавме дека трансформацијата кон стандардите за приклучување на проектот “Партнерство за мир” ќе започне со нашето најпознато убиствено оружје. За да се оствари компатибилност на црешовото топче со глобалниот систем на одбрана на НАТО, во иднина ќе се произведува под името “ЛИТЛ ШЕРИ ГАН”.
5. Во меѓувреме, ловџиите од Скопје ќе организираат вежба: “Силите во одбрана и заштита од кучињата и мачките”. Вчера започна отстрелот на кучињата и малечките скитници. Ловџиите во текот на следните два месеца навечер по 11 часот ќе патролираат со малокалибарски пушки берданки на рамо по скопските улици.
Првата конкретна помош од САД ќе бидат ласерските нишани за ноќно гаѓање. Бидејќи во Скопје младите главно излегуваат по 11 часот, не е на одмет да бидат претпазливи, нека не се движат блиску до контејнерите за ѓубре.