АЛА КОКОРАЧА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:109:"Папандреупоставувачетвртиусловзаподигањенаембаргото

    1. Зошто водителите на ТВ дуелот меѓу Никола Поповски од СДСМ и Алек­сандар Тортевски од ДП, на приватната ТВ станица “А1”, инсистираа на терминот: “фрлена ракавица за двобој”? Демек, лидерот на Демократската партија Петар Гошев им фрлил ракавица на коалиционите партнери, а овие ја прифатиле и така излегоа на двобој.
    Подобро ќе беше ракавиците ич да не ги фрлаа. Да си ги оставеа на рацете. Похигиенски е. Од толку валканици, колку што извадија пред скопското ТВ гледалиште, чудо како не се пренесе некоја зараза.
    Инаку, емисијата беше полн погодок. Само го утнаа терминот. Можеа да ја уфрлат во термин за забавна програма. Ла Кокорача. Бидејќи во суштина сé се сведе на она: “Јас сум валкан, ама и ти си валкан”, или, ако сакате: “Јас сум расипан, а ти си шармантно расипан”. ТВ дуелот меѓу младите Поповски и Тор­тевски дојде како одлична забава за народот. Мелем за душата. Сакаш нави­ваш за едниот, сакаш за другиот. И само слушај – за коли, за шверц, за општес­твени станови, за фри шопови, за нелегален увоз…
    Ми недостигаше уште да дознаам кој број чорапи носи Гошев и дали Црвен­ковски употребува турски шампони. И тука некаде кога дојде полноќ, треба­ше водителите да се сетат, па да ја свртат темата на – секс. Навистина имаше раз­го­лу­­вање и пред полноќ, ама не ќе беше лошо да слушневме нешто и за сексуалниот живот на лидерите. Вака ништо не дознавме.
    Нејсе. До есен има време да се подготват и телевизијата и предизвикувачите на двобој. Ќе се избираат 140 пратеници. Забава – колку сакаш. На народот му треба леб и – циркус.

    2. Победникот во “стотројката” во Кисела Вода победи и затоа што го под­држу­вал претседателот Глигоров и неговата политика. Во фамозниот леток што беше повод за двобојот на избирачите им се сугерира дека гласајќи за Зоре Темелковски гласаат за Киро Глигоров.
    Настрана што со името на шефот на државата се манипулира во пропагандни летоци што завршуваат во поштенските сандачиња. Настрана и тоа што мислев дека претседателот е претседател на сите граѓани, а не само на гласачите на една партија. И конечно, со овој потег не му се наштетува само на имиџот на претседателот, туку и на рејтингот на тие што го смислиле. Белким коалицијата има некоја друга програма со која треба да освои гласови. Вака излегува дека клучното програмско прашање е: Дали си за Глигоров или не? А на избирачите им се нуди најлесно решение: нема вие што да мислите. Глигоров мисли и за вас.

    3. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Бранислав Синадиновски, инаку министер за надворешни работи во сенка, изгледа падна во сенка и во својата партија. Како високо интелектуален човек (нели има напишано многу книги за угнетените и обесправените,  како што се претставуваше во предизборната кампања), во улога на солунски гемиџија, изјави дека “ниту една недемократска власт во било која држава во светот не може да биде урната по демократски пат”. Потоа партискиот лидер Љупчо Георгиевски се огради од неговата изјава, а и од соопштението што во отсуство на Георгиевски којзнае кој го напишал.
    Како бивш југословенски дипломат, Синадиновски се занимаваше со проблемите на Палестинците. Затоа, погрешно е дека тој ни нудел “романско сценарио за ноемвриските избори”. Нему изгледа книгите што си ги напишал му служат како прирачник за однесување. По угледот на Јасер Арафат, од Синадиновски треба да очекуваме – интифада.

    4. Грција изгледа нема намера да го подигне ембаргото до изборите. Сака да го урне “непопустливиот” Глигоров. На таа тема во Скопје веќе се појави нов виц:
    Покрај трите услови за подигање на ембаргото, Грција го заострува ставот и сега поставува четврти услов. Папандреу бара и претседателот Глигоров да си го смени името. Наместо КИРО да се вика – ГИРО.

    5. Атина повторно во паника. Кога ги гледаш, слушаш или читаш нашите вести, просто жал да те фати за кутрите Грци. Ќе ги даделе на суд.
    Според досегашното богато искуство, сé ми се чини дека пак ние ќе го јадеме стапот. Постојано кога Атина е во паника, од Лисабон па до денес, европските дванаесетмина, кога ќе ги видат исплашени своите пријатели, ни го сместуваат нам.
    Ете, Грција ја изведуваат пред судот во Луксембург, а од нас бараат да покажеме флексибилност за знамето, Уставот, па – ајде и името. Нешто во стилот, не си виновен, ама попушти. Затоа што насилникот што го изведуваат пред суд им е пријател.
    А и Грција изјавува дека одлуката на судот нема да биде обврзувачка за неа. Таа ќе си тера по свое. Од што се гледа дека Европската унија има цврста правна основа.
    Повеќе обврски и правила треба да почитуваат членови на некој бриџ клуб, отколку членовите на Европската унија. Тие барем имаат членски карти и плаќаат членарина, а не земаат пари од клубот.

    6. Кој вели дека Европската комисија е толку против нас? Знаете ли зошто ја одложи тужбата против Грција за 13 април? Чека да заврши штрајкот на македонските адвокати.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира