„Целио грат се крена на нозе. Народо ги бацва борците, ги кити со секакви убајни. По патојте заиграја ора. Со радос ја дочекафне слободата…“. Ова е извадок од стар запис на оригинален битолски говор за радоста со која биле пречекани партизаните при ослободувањето на Битола во 1944 година. Записот е дел од книгата „Битолскиот говор“ на поетот, есеист и научник Воислав Илиќ (1921-1987) која од печат излезе годинава, седум децении откако тој собраните материјали ги преточил во докторска дисертација, но не му било дозволено да ја одбрани.
„Битолскиот говор“ е напишана врз основа на оригиналните сочувани примероци од Илиќ, издадена е од „Бета прес“, за печат ја подготви дијалектологот Васил Дрвошанов, кој е и јазичен редактор, а рецензент е Стојан Ристески.
Во освртот кон делото, професорот Ристески пишува дека Илиќ требало докторската теза да ја одбрани на Филолошкиот факултет во Белград, но Александар Белиќ, член на Комисијата за оценка на трудот, не напишал реферат. Според познавачите на неговите ставови, не му се допаднало тоа што битолскиот говор е прикажан како дел од македонскиот јазик кој со векови со свои специфики опстојувал одделно од бугарскиот и српскиот јазик.
„Македонскиот јазик со векови живеел одделно, ги формирал своите специфични црти, се диференцирал во однос на соседните јазици. Тој претставувал готова историска категорија, иако негиран од шовинистичката наука и прогласуван како дијалект на бугарскиот или српскиот јазик“, напишал Илиќ.
Тој бил референт на Комисијата за македонски јазик при Президиумот на АСНОМ, работел на усовршување на привремената македонска азбука, а пишувал и македонска граматика. Иако родум од Дебар, најголем дел од животот го поминал во Битола. Материјалите ги собирал на терен, во контакт со постарата и помладата генерација. Текстот на дисертацијата бил на српско-хрватски јазик, а примероците во оригинал на македонски.
„Проучувањето на битолскиот говор е важно и поради тоа што му припаѓа на централномакедонскиот дијалект, но се наоѓа во неговата гранична зона кон јужномакедонскиот, на дофат на појасот што претставува мешавина на два говорни типа“, запишал Илиќ.
Неговото дело било прво од таков вид во историјата на македонската дијалектологија. Професорот Стојан Ристевски во предговорот напиша дека сите компоненти се детаљно и сестрано обработени, научно засновани и богато илустрирани со примери. Книгата содржи поглавја Вовед, Фонетика, Морфологија, Синтакса и Текстови, обработени на 352 страници.
Освен што не успеал да ја одбрани и отпечати дисертацијата, голем слух немало и во Македонија. Ристевски пишува дека за долгото малтретирање на Илиќ знаеле и „учените’’ од Филозофскиот факултет во Скопје, но и тие ништо не сториле да се публикува.
„По смртта на Илиќ, на еден директор на Институтот за македонски јазик му предложивме да биде објавена. Не прифати без да се чуе мислењето на еден нивни моќник, мајстор за вакви трудови. Во 1997 година се обративме до Институтот за македонски јазик и МАНУ во врска со одбележувањето на 10-годишнината од смртта на Илиќ да се објави неодбранетата докторска дисертација, но не добивме одговор. Овој труд има не само историско-културно, туку и неодминливо научно значење, иако дури сега се објавува“, напиша Ристески.
Во книгата се наведени бројни специфики на битолскиот говор. Додека другите се радуваат, битолчани се радват, прашуваат ‘Да л знајш?‘. Во Битола велат пејш, за говедо гојдо, за донесеш дојсиш, за можеме мојме, потоа глајца (главица), лајца (лажица), греој (гревови), снегој (снегови), дош (дожд), сегде (секаде), негде (некаде), нигде (никаде)… Сѐ уште користат турцизми како с’аклет, сефте, борџ, јоклама, егленче муабет, тулумба, мастраф, лезет… Се раскажува со користење на сврзници арноама, дур, дими, ѓомити, ем, ја-ја.
Ова е многу мал дел од научно обработените примери во книгата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА