Биогоривата значително придонесуваат за намалување на емисијата на јаглероден диоксид од транспортот. Половина од возилата на нашите патишта во 2018 година биле дизелски, со просечна старост од 19,1 година. Тоа значи дека биодизелот може да биде најдобра краткорочна мерка за намалување на загадувањето од транспортот.
Додека биодизелот има удел на македонскиот пазар од само 0,2%, сите дизел горива што во 2017 се продаваа на бензинските станици во Европската Унија содржеле биодизел, а 87,6% од бензинот содржел биоетанол. На нашиот пазар нема понуда на биоетанол.
На патиштата во 2018 имало 415.000 патнички возила, од кои над 360.000 постари од 10 години. Од нив, над 208.000 биле дизелски. Оттука и не зачудува што во потрошувачката на нафтените деривати на домашниот пазар во 2018 доминираат дизел горивата со 67,15%.
Во октомври 2019, Европската агенција за животна средина објави извештај за квалитетот и емисијата на стакленички гасови од горивата од транспортот за 2017 година, кој покажува дека 72,3% од вкупно продаденото гориво било дизелско, а бензинот учествувал со 27,7%.
На ниво на ЕУ, 71,9% од бензинот продаден во 2017 година содржел до пет проценти етанол, а 15,7% од него и до 10% етанол. Од дизел-горивата, 83,8% содржеле до седум проценти чист биодизел, а 16,2% и повеќе од тоа.